10 години затвор и 1.000 удари со камшик за саудиски блогер

Саудискиот блогер Раиф Бадави е осуден на 10 години затвор и на 1.000 удари со камшик, под обвинение за навреди на исламот, упатени преку онлајн форум што самиот го создал.

Судот во саудискиот град Џеда, исто така, на Бадави му нареди да плати казна од милион саудиски риали (околу 266.000 долари).
На првата судска инстанца, за истите обвинувања Бадави беше осуден на седум години затвор и на 600 удари со камшик. Тој се жалеше и Апелацискиот суд донесе построга казна.

Бадави е во затвор од средината на 2012 година, а неговиот форум „Слободни саудиски либерали“ е затворен и неактивен.

„Амнести интернешенел“ изрази загриженост од пресудата и потенцира дека Бадави не направил ништо друго освен што создал дебатен форум, во кој луѓето можеле да го изразуваат своето мислење.