10 години затвор за двајца турски полицајци поради претепување на демонстрант

Судот во Кајсери, Централна Турција, денеска осуди двајца полицајци на 10 години затвор поради претепување на 19-годишниот демонстрант Али Исмаил Коркмаз за време на антивладините демонстрации во јуни 2013 година, пренесе МИА.

Едниот полицаец е осуден на 10 години и 10 месеци затвор, а другиот на 10 години.

Тројцата трговци кои учествувале во претепувањето добија по шест години и осум месеци затвор, а четвртиот е осуден на три години и четири месеци затвор. Последниот беше ослободен бидејќи казната ја помина во притвор.

Други двајца полицајци, кои беа под истрага за случајот, беа прогласени за невини.

Студентот Коркмаз беше претепан до смрт од четворица полицајци во цивил и четворица трговци вооружени со безбол палки за време на демонстрациите во градот Ескишехир на 2. јуни 2013 година. Момчето падна во кома и по 38 денови почина.

Осумтемина обвинети биле снимени од безбедносните камери. Ним им се судеше за убиство со предумисла, за кое е предвидена казна од десет години затвор до доживотен затвор.