10 специјалисти на обука во престижна болница во Париз

Министерот за здравство, Никола Тодоров, во рамки на работната посета на Франција, денеска, се сретна со Жан Патрик Лајончер, директор на приватната болница Сент Џозеф во Париз.

На средбата е договорено спроведување едукација на 10 доктори-специјалисти од Република Македониј во оваа врвна здравствена установа во Франција. Прв на обука заминува специјалист од областа на анестезиологијата, чија обука ќе се реализира на почетокот на јануари 2015 година.

На средбата, исто така, беше разгледана можноста доктори специјалисти од Македонија да заминат на повеќегодишна специјализација во оваа здравствена установа.

Болницата Сент Џозеф е најдобро рангирана болница за лекување глауком во Франција и токму во таа насока е договорена обука на специјалист-офталмолог од Македонија за унапредување на знаења и вештини во областа на глаукомот, што ќе се реализира во март, следната година.

Инаку, оваа болница опфаќа 25 медицински и хируршки специјалности и претставува експертски центар во областа на роботизирана хирургија, урологија, гинекологија и областа на дигестивни болести.