Балкан

11 инфицирани од бруцелоза во Бугарија

11 инфицирани од бруцелоза во Бугарија

Резултатите од тестирањето во градот Рила покажале дека 11 лица се инфицирани од бруцелоза во Бугарија.

Според претставникот на Регионалната здравствена инспекција од Ќустендил, Динко Динев, заболените лица се на возраст од 36 до 77 години.

Заболените ќе бидат подложени на задолжително лекување и редовно ќе биде следена нивната здравствена состојба, најави тој.

Човекот се инфицира од бруцелоза доколку е во контакт со заболени животни или пак при конзумирање на производи од бруцелозен добиток. Лицата инфицирани со бруцелоза најчесто се лекуваат со антибиотици.

Заразените животни изолирани

Преземени се првични мерки за изолирање на заразените животни од бруцелоза во Бугарија, по што во текот на денов се очекува да бидат воведени и дополнителни мерки со цел да се спречи ширењето на болеста, информираат од Агенцијата за безбедност на храната од Ќустендил.

Што е бруцелоза?

Имено, бруцелозата претставува инфективно заболување од бактериска природа што припаѓа на зоонозите.

Најчесто протекува како акутно заболување со покачена телесна температура, треска, обилно потење, болки во зглобови, зголемени лимфни јазли, а често пости и зголемување на црниот дроб и слезината. Кај хроничните случаи процесот е најчесто локализиран на ‘рбетниот столб и големите зглобови па така болниот може да има отежнато движење и да зафаќа неприродна положба.

Резервоар на ова заболување се најчесто домашните животни, а поретко и дивите.

 

 

Како и во другите земји ширум Европа и светот, така и во Македонија бруцелозата се уште претставува значаен јавно здравствен проблем. Бруцелозата кај луѓето во Македонија, во епидемиска форма за прв пат била регистрирана во 1980 година, кога во општина Битола биле пријавени вкупно 102 заболени, во Неготино 5 и во Кавадарци 3 случаи.