12.000 ученици се запишаа во средно, има место за уште 22.000

Од вкупно 22.058 осмооделенци, 12.551 се запишале во некое од средните училишта во Република Македонија во првото пријавување од првиот уписен рок, а 17.982 поднеле документи за упис. Слободни места, пак, има за уште  22.436 ученици, информираа денеска од Министерството за образование и наука.

Првото пријавување од првиот уписен рок се спроведе на 23 и 24 јуни. Од запишаните ученици 9.547 ќе следат настава на македонски наставен јазик, 2.761 на албански наставен јазик, 143 ученици ќе учат на турски наставен јазик. Според видот на образованието, 5.603 ученици се запишаа во гимназиско образование, 6.792 ученици во стручно образование и 156 ученици во Спортска академија.

Второто пријавување од првиот уписен рок ќе се реализиран на 30 јуни и на 1 јули, а резултатите ќе бидат објавени на 3 јули.

За настава на македонски јазик има 15.001 слободни места, 6.618 за настава на албански наставен јазик, 775 за настава на турски наставен јазик, 34 за настава на српски наставен јазик и 8 слободни места за повторувачи.

Според видот на образованието, има вкупно 5.756 слободни места во гимназиско образование, 16.632 слободни места во стручно образование и 48 слободни места во Спортска академија.

Вториот уписен рок е на 21 август, а резултатите од запишувањето на учениците и слободните места ќе се објават на 22 август. Во училиштата во кои и по вториот уписен рок ќе има слободни места, ќе можат да запишуваат ученици до 29 август.