Македонија

120 лица во трка да го фатат крстот во Скопје

120 лица во трка да го фатат крстот во Скопје

Околу 120 граѓани годинава ќе се обидат да го фатат светиот крст што утре точно напладне во водите на реката Вардар во Скопје ќе го фрли архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици, пренесува МИА.

Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа и се верува дека тој што ќе го фати ќе го следи благослов и среќа цела година. Празникот се слави уште од вториот век и е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет, што го извршува Црквата на овој ден.

Меѓу пријавените кандидати има граѓани кои со децении скокаат по светиот крст, но и такви што досега никогаш не присуствувале.

Василевата литургија ќе почне во 9 часот во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје, по што поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан заедно со свештенослужителите и верниците со литија ќе се упати кон мостот кај хотелот „Холидеј Ин“, каде ќе ги освети водите на Вардар.

Директен пренос од целата церемонија ќе вршат МТВ и Сител. Екипите на Црвен крст ќе обезбедат тимови за прва помош, спасувачи и чамец со спасувачи во вода. Од Црвениот крст препорачуваат капачите да носат соодветни обувки кои ќе ги заштитат од евентуални повреди, да не конзумираат голема количина на алкохол и да не влегуваат прерано во водите на Вардар со цел да се избегнат хипотермички удари од студ.

Освен во Скопје, крстови ќе бидат фрлени и во водите низ останатите градови во државата, а голема масовност се очекува во Охрид. Годинашни кумови се балканската музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ и македонскиот бизнисмен Зоран Милески.

Се верува дека со фрлањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити. Со Водици завршуваат т.н. Некрстени денови.

Богојавление (Водици) – 19 јануари, согласно Законот за празници на Република Македонија, е неработен ден за верниците од православна вероисповед.