Земјоделците бесплатно имаат на располагање 27 проекти за изградба на фарми и насади

проекти

Министерот за земјоделство Михаил Цветков денеска на прес-конференција истакна дека проектите се бесплатни и оти може да ги добијат сите заинтересирани земјоделци. Проектите електронски ќе бидат доставени и до подрачните единици на Министерството за земјоделство.

Изготвувањето на еден ваков проект чини од пет до десет илјади евра. Со ова им помагаме на земјоделците да не даваат пари за изготвување на вакви проекти, рече министерот Цветков.

Проектите ги содржат сите потребни елементи за изградба на една фарма и за подигнување на насади и колку ќе чини таа инвестиција.

За сточарите се изработени 15 проекти за отворање мини фарми за 10 и 20 маторици, за 30 и 50 гојни грла говеда, за 10, 20 и 30 молзни крави, за 100 и 300 молзни кози, за 100 и 300 молзни овци, како и проекти за мандри и за типски фарми за бројлери од 250, 500 и 1.000 метри квадратни.

На земјоделците на располагање им се и пет изработени проекти за лозови насади од винско грозје и од трпезно грозје на шпалиран систем, за лозов насад од трпезно грозје на одрински систем на одгледување, за воспоставување систем за наводнување „капка по капка“ и за воспоставување заштитни мрежи на лозов насад.

Во делот на овоштарството изработени се проекти за пет видови овошни насади како што се јаболко, праска, круша, цреша и лешник и проекти за системот „капка по капка“ и за заштитни мрежи на овошен насад.

Со цел да им се овозможат услови на производителите на житни култури да ги складираат житариците и да ги продаваат тогаш кога ќе им одговара цената, направени се проекти за изградба на силоси од 25, 50, 100, 250, 500 и од 1.000 тони.

Очекувам дека со сите мерки што ги преземаме ќе бидат недоволни средствата што се предвидени со ИПАРД 2 програмата. Интересот е навистина огромен. Има многу заинтересирани земјоделци кои сакаат да аплицираат за ИПАРД 2 Програмата и Програмата за рурален развој, подвлече Цветков.

Тој информираше дека преку електронска аукција избрани се две компании кои ќе работат на осовременување на 100 овчарски фарми. – За 100 овчарски фарми имавме предвидено еден милион евра, но на електронската аукција од 60 милиони денари цената падна на 42 милиони денари така што очекуваме дека годинава овој проект ќе биде реализиран, рече Цветков.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.