Кинески пролетен фестивал во Скопје

Денеска во Градскиот трговски центар, се одржа манифестацијата „Кинески пролетен фестивал во Скопје”, каде на сцена и голем број на штандови скопјани имаа можност да се запознаат со дел од богатата кинеска култура.

Оваа манифестација е дел од настаните со кои се одбележува 30 годиинината од збратимувањето на Градот Скопје и Нанчанг (Народна Република Кина).

На сцената настапија голем број на танчери и музичари од културниот ансамбл од Нанчанг, кои и вчера во Македонскиот народен театар ја изведоа претстава „Среќна Кинеска Нова Година, неверојатен Нанчанг”.

На поставените штандови присутните имаа можност да добијат разни сувенири, книги и предмети кои се типични за кинеската култура, а на дел од штандовите пред жителите на Скопје се презентираа поголем број на кинески компании.

Proleten Kineski festival (2)

„Кинески пролетен фестивал во Скопје” го посетија и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и Претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, амбасадор на Народна Република Кина, Зеншун Вен и Жоу Шулинг, заменик-претседавач на Постојаниот комитет на Народниот конгрес на Нанчанг.

Град Скопје и Нанчанг се збратимени од 1985 година и тоа е единствениот град од Азија со кој Скопје има соработка на ова ниво.

Нанчанг е главен град на провинцијата Џиангџи (Jiangxi) во југоисточниот дел на Кина. Се наоѓа на 60 километри од реката Јангце и се протега на бреговите на реката Ган. Градот Нанчанг е познат по Народниот плоштад кој е втор по големина јавен плоштад во Кина, веднаш зад плоштадот Тианамен во Пекинг. Нанчанг има популација од околу 5 милиони жители.

Proleten Kineski festival (3)

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.