Фактите говорат – Гошев нема кредибилитет да зборува за сиромаштија и невработеност

Поранешниот министер за финансии и гувернер на НБРМ, Петар Гошев, со критики за економските политики во земјава. На дебатата насловена „Овој дом би си заминал од Македонија засекогаш“, одржана на 19 февруари во киното Фросина, Гошев излезе со обвинувања за високи стапки на сиромаштија и невработеност во земјава, пишува „Лидер“.

„Ние сме лидери по сиромаштија. Стапката на сиромаштија, стапката на население под линијата на сиромаштијата изнесува 19%, во просек во периодот 2002-2012 година. Во Европа нема земја со ваква стапка на сиромаштија. БиХ е најблиску со 14%, Албанија има 12%, Црна Гора е со 6%. По стапката на невработеност сме шампиони во Европа. Сега нашата статистика вели дека изнесува 28%, но стапката на невработеност кај младите е над 50%“ – рече Гошев на дебатата.

Се сеќава ли Гошев на неговиот мандат?

Петар Гошев беше министер за финансии во периодот од 1 ноември 2002-та година до 7 ноември 2003-та година, потоа беше опфатен со реконструкцијата на владиниот кабинет, за во 2004-та, на предлог на тогашниот шеф на државата Бранко Црвенковски, да биде избран за гувернер на Централната банка, на чие чело беше до средината на 2011-та година.

-Гошев заборава дека токму во времето кога тој беше министер за финансии, стапката на невработеност беше на рекордно високо ниво. Во 2002-та изнесуваше 31,9% (263.196 луѓе се воделе како невработени), а во 2003-та е постигнат апсолутниот рекорд на невработеност во земјава – стапката изнесувала 36,7%, а без работа биле 315.868 луѓе. Гошев следната година седна во гувернерската фотелја, а бројот на невработени не претрпе поголеми промени. Во наредните три години, до 2007-та година, стапката на невработеност се движеше меѓу 36% и 37,3%. Со доаѓањето на новата владејачка гарнитура, невработеноста се намалува во континуитет, до актуелната стапка од 27,9%, историски најниска досега, анализира порталот Лидер.

Гошев ја споменува сиромаштијата, но како да заборава дека додека тој беше министер за финансии, според податоците на Државниот завод за статистика, стапката на сиромаштија изнесувала 30,2% во 2002-та и во 2003-та година. Според последните податоци на Статистика, стапката на сиромаштија во 2012-та изнесувала 26,2%.

Што напиша Зиков за Гошев?

Кон крајот на 2013-та година имаше жесток вербален дуел меѓу Гошев и долгогодишниот новинар Ључо Зиков. Зиков рече дека Гошев нема морален кредибилитет да биде опозициски претседателски кандидат.

„Господине Гошев, Вие цицавте ли цицавте од транзицијата и приватизацијата, и со „чисти“ и со „валкани“ раце – 23 години. Откако добро си го распоредивте семејството по банки и добро котирани фирми, и откако незаслужно од партија во партија, од министер на министер се насадивте на седумгодишен незаслужен мандат како гувернер на НБРМ, денес сакате да бидете и претседател. Многу ви е Гошев, многу ви е“ – му порача Зиков.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.