Македонија

13 години од убиството на Трпковски и Илиевски во мотелот „Бриони“

13 години од убиството на Трпковски и Илиевски во мотелот „Бриони“

Со парастос на православните гробишта во Челопек, како и кај разурнатиот мотел „Бриони“, во кој беа разнесени Светослав Трпковски и Боге Илиевски, нивните роднини и пријатели денеска ја одбележаа 13 годишнината од овој трагичен настан, објави МИА.

– Се собравме овде и на ова место каде пред 13 години на кукавички начин беа убиени нашите мили и во Христа браќа Боге и Светослав, да се помолиме на Господа да ги услиша нашите молитвии нивните души да ги насели во Царството небесно. Нека им е вечен спомен! – рече во својата беседа отец Ненад Ѓорѓески.

Илиевски и Трпковски беа убиени на 26 август 2001 година од сè уште непознати сторители, така што биле врзани за потпорните столбови и биле разнесени кога со динамит во воздух беше кренат мотелот Бриони кај Челопек.

Нивното загинување се случи две недели по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и 5 дена по разурнувањето на Лешочкиот манастир. Овој случај беше опфатен со автентичното толкување на Законот за амнестија, заедно со останатите три хашки случаи. Во непроменета состојба е и разурнатиот мотел Бриони, бидејќи дел од албанското население од Челопек се противи земјоделската задруга Единство да продолжи да стопанисува со него.