Македонија

130 барања за трансформација на прекинат работен однос поради бременост

130 барања за трансформација на прекинат работен однос поради бременост

Во рамки на имплементацијата на Законот за трансформација во редовен работен однос, Министерството за здравство формираше Стручна комисија за разгледување на случаите на лица чии договори биле прекинати поради бременост, раѓање и/или мајчинство, и досега се поднесени вкупно 130 барања за издавање потврда за исполнетост на условот за прекин на работниот ангажман.

Стручната комисија континуирано ги разгледува доставените барања, во рамки на состаноците кои се одржуваат два пати неделно и веќе се комплетно решени над 125 предмети.

Станува збор за многу значаен чекор од имплементацијата на Законот за трансформација во редовен работен однос, со кој се опфатени волонтери, лица ангажирани со договор на дело, авторски и други договори, во органите на државната управа, локалната самоуправа и јавната администрација, имајќи предвид дека врз основа на потврдата од Стручната комисија, работодавецот ќе одреди дали лицето ги исполнува условите за трансформација во редовен работен однос.

За издавање на потврдата, до Министерството за здравство се поднесува барање (писмено барање или пополнет образец, кој е достапен на веб страната на Министерството за здравство), како и отпусно писмо од родилиште и извод од матична книга на родените за детето, и истите се поднесуваат по пошта или во архивата на Министерството.

Инаку, во областа на здравството континуирано се спроведува имплементацијата на Законот за трансформација во редовен работен однос и досега се издадени согласности за трансформации во редовен работен однос во 86 јавни здравствени установи од вкупно 106 јавни здравствени установи кои ја поднесоа потребната документација за трансформација, односно досега се издадени согласности за трансформации на вкупно 1357 лица, од кои во првата фаза – 485, во втората фаза – 468 и во третата фаза – 404.

Оваа мерка овозможува значаен финансиски бенефит и финансиска сигурност за лицата, како и долгорочно решавање на егзистенцијалното прашање на голем број семејства во државата.