132 Македонци ранети во Ирак и Авганистан

Сто триесет и двајца Македонци досега се ранети во Ирак и Авганистан, објавува американското министерство за работа.

Статистичките податоци покажуваат дека станува збор за работници кои работеле за американски цивилни компании, ангажирани од американската војска или од цивилни институции. До Македонија досега не се пристигнати официјални информации за тоа колку вкупно македонски државјани настрадале додека биле на печалба во овие опасни региони.

Податоците се собрани од американското министерство за работа, кое ги објавило и адресите на работниците на кои по пошта им се испраќани информации дека настрадале или биле ранети. Податоците не откриваат колкумина од вкупно 132 биле ранети, а колку се починати.

Според податоците на Министерството, до декември 2012 година во Ирак и Авганистан се убиени вкупно 3.258 работници, а ранети биле 90.000. Најмногу настрадани се од САД – 18.701. Од 45.194 регистрирани странци кои работеле за американски компании загинале 3.079.

Од Балканот најмногу настрадани граѓани има од Босна и Херцеговина – 185, а потоа од Македонија – 132. Зад Македонија се Унгарија со 40 настрадани, Србија 39, Косово 27, Хрватска со 14.