14 месеци непрекинат раст на македонската индустрија

Индустриското производство континуирано расте 14 месеци по ред, од септември минатата година. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, индустријата во октомври, во споредба со истиот период од минатата година пораснала за 7,5%. Од почетокот на годинава, за десет месеци, растот на индустриското производство изнесува 5,1%.

За позитивните резултати најмногу придонела преработувачката индустрија со раст од 7,9%. Секторот снабдување со струја, гас, пареа и климатизација забележал зголемување од 21,3%, додека пад има во рударството од 4,2%.

Според главните индустриски групи, производството пораснало кај енергијата за 16,9%, капиталните производи за 49% и кај нетрајните производи за широка потрошувачка за 2,7%. Опаѓање имало кај трајни производи за широка потрошувачка за 19,6%.

Истовремено, и странските инвестиции го билдаат индустриското производство. Податоците покажуваат дека поради странските инвестиции во автомобилскиот сектор, во последниве неколку месеци најголем е растот во производството на моторни возила, приколки и полуприколки. Во овој дел производството порасна за 655% повеќе отколку истиот месец лани.

Голем раст исто така се забележува и кај тутунските производи, за 241%, додека производството на метали бележи пораст од 7,5%. Пораст има и во производството на металните производи од 64,7%, во однос на истиот месец лани.

Најголем пад е регистриран кај производството на пијалаци, од 37,5% и кај хемиските производи од 24,3%. Значителен пад има во производството на текстил од 9,5%.

Високиот раст на индустриското производство што го објави Државниот завод за статистика, според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески се должи на добрата даночна политика и бизнис климата. Истакнува дека во Европа само Македонија и Ирска имаат висок и континуиран раст во индустријата.

– Македонската индустрија фати добар залет. Веќе 14 месеци има континуиран раст. Последниот податок за порастот од 7,5 проценти или вкупно за 10-те месеци пораст од над 5 проценти покажува дека имаме добри политики, изјави вицепремиерот и министер за финасии Зоран Ставрески при денешната посета на Прилеп.

Тој додаде дека растот се должи и на компаниите што работат во слободните зони, но и на домашната индустрија, пред се на текстилната и металната кои имаат солидно добар пораст.

Вицепремиерот очекува и во наредниот период да се одржат високите стапки на економски раст и во индустријата и во другите сектори.