14 сообраќајки во Скопје за 24 часа, санкционирани 32 возачи

Во текот на изминатите 24 часа на подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција извршен е увид на вкупно 14 сообраќајни незгоди.

Од нив, осум се со последица материјална штета и пет се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле четворица возачи на патничко моторно возило, тројца сопатници, еден пешак и еден велосипедист, пренесува МИА.

Се случила и една незгода со последица тешка телесна повреда во 6 часот и 20 минути на локалниот пат с. Миладиновци – с. Кадино, во близина на депонијата во село Миладиновци. Во неа учествувало патничко моторно возило „голф“ со скопски регистарски таблички, кое што удрило во куче скитник, а потоа возачот изгубил контрола над возилото, излетал надвор од патот и се превртил. Како последица на незгодата со тешки телесни повреди се здобил еден сопатник во возилото, а возачот и уште тројца сопатници се здобиле со полесни повреди.

Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 32 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, 10 возачи кои го управувале возилото со изминат рок на важноста на сообраќајната дозвола, девет возачи кои го користеле мобилниот телефон за време на управување со возилото и четворица возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол.

Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот на изминатиот ден од страна на сообраќајната полиција отстранети се 88 возило кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Денеска Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје ќе одржи едукативни предавања во ОУ „Тефејуз“ кое се наоѓа на територијата на општина Чаир.

За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.