150 македонски војници на вежба во Белгија и Луксембург

Војници на АРМ ќе бидат дел од борбена група на Европската Унија на воена вежба во Белгија и во Луксембург, како дел од вежбата „Брз лав 14“, што ќе се одржи од 26 мај до 13 јуни годинава.

На вежбата ќе учествуваат 2.900 војници од Белгија, Германија, Луксембург, Македонија, Холандија и од Шпанија. По оценувањето на борбената готовност, борбената група,  од јули до крајот на годинава ќе биде во готовност за брзо распоредување во воена мисија на ЕУ или Обединетите нации.

Македонија во борбена група на ЕУ, ќе учествува со механизирана пешадиска чета, штабни офицери и национален елемент за поддршка.

Ова е второ учество на земјава во вакви вежби, во 2012 година учествуваше во борбена група на ЕУ, заедно со Германија, Чешка, Австрија и Хрватска.