150 милиони евра за земјоделски субвенции во 2015 година

Рекорден износ на субвенции идната година ќе добијат домашните земјоделци. Буџетската поддршка ќе изнесува 150 милиони евра, дел како дирекни плаќања, а дел од средствата ќе се одвојат за Програмата за рурален развој, која станува се поатрактивна за земјоделците, пишува Лидер.

Историски рекорд на субвенции

Согласно планираната програма во наредните 4 години само за субвенции за земјоделците и за рурален развој ќе бидат издвоени 600 милиони евра, односно по 150 милиони евра годишно, а тоа е историски рекорд досега.

Со зголемувањето на износот на субвенциите се очекува и зголемен интерес на земјоделците за зголемување и проширување на производството. Годинава 73 963 земјоделци поднесоа барања за субвенции. Предничат барањата за субвенции за тутун и полјоделските култури, а така се очекува да биде и идната година.

“Во многу сектори во земјоделството има развој, ако сакаме поголем скок мора да имаме поголеми субвенции. Сите мерки што се преземаат за млади земјоделци, се е насочено за поголем број граѓани да се занимааат во лозарството, сточарство, тутунупроизводство. Ако не се субвенциите 50 % од земјоделците нема да се занимаваат со земјоделие. Целта е ние да го зголемиме производството“ изјави Ефтим Шаклев,Асоцијација на земјоделци.

Експертите го поздравуваат високиот износ на субвенции

“Во периодот после 2006 година , конечно земјоделството доби соодветен третман во владините политики, тоа директно се согледува преку повеќе кратното зголемување на буџетските трансфери во програмите за директните плаќања( субвенциите) и програмите за рурален развој. Буџетските поддршки остварија позитивни ефекти и ги остваруваат резултатите и целите кои се поставени за поедини сектори. Овде би сакал да нагласам дека не секогаш мерките кои се креираат имаат за цел во сите потсектори само да се зголеми производството. Во земјоделството резултатите не доаѓаат на краток рок , но во некои потсектори видливи се резултати изразени во квантитативни податоци, во некои се достигнати повисоки стандарди, а има сектори каде целта беше да се запрат негативните тенденции и сето тоа се остварува благодарение на буџетската поддршка , вели за Лидер , Драги Димитриевски, декан на Факултетот за земјоделски науки и храна.

Доследно се спроведува Петтогодишната програмата за земјоделство и руралeн развој за период од 2013 до 2017 година.

На земјоделците им нуди стабилност и сигурност во планирање на своето производство и особено на планирањето на идните инвестиции за развој на нивните стопанства и земјоделскиот сектор во целина. Во државата од страна на Владата се веќе поставени сите политики и инструменти на поддршка кои ги има секоја организирана држава на која земјоделството и е важен дел од економијата и општеството. Истовремено ублажени се негативните состојби од светската економска криза и нивното негативно влијание на макеедонскиот аграр, констатираат од МЗШВ.

Ќе се зголемува извозот и вредноста на земјоделското производство

Македонското земјоделство ќе продолжи да оди по патот по кој се наоѓа на постепено реорганизирање и модернизација и зголемување на неговата конкрентност. Тоа поконкретно значи дека ќе следи понатамошно зголемување на физичкиот обем и вредност на земјоделското производство и зголемен извоз, велат аргоекспертите.