МОСТ: До 18 часот најголем одѕив во ИЕ 4, најмал во ИЕ 6

Граѓанската асоцијација МОСТ попладнево соопшти дека до 18 часот најголем одѕив има во Четвртата изборна единица каде излегле на гласање 72,95 проценти од гласачите, а најмал одѕив има во Шестата изборна единица каде гласале 50,28 проценти.

Според податоците на МОСТ, во Првата изборна единица до 18 часот излезноста изнесува 71,44 проценти, во Втората изборна единица 64,09 проценти, во Третата изборна единица 70,31 проценти и во Петтата 62,25 проценти.

Од МОСТ информираат дека според информациите кои ги имаат од набљудувачите и регионалните канцеларии забележани се неколку неправилности на гласачките места како што се непочитување на постапката на гласање, фотографирање на гласачко ливче и поткуп и агитација.

Граѓанската асоцијација МОСТ го следи денешното гласање со повеќе од 3.000 набљудувачи. На гласачките места се распоредени 2.664 набљудувачи кои покриваат околу 55 проценти од гласачките места во Република Македонија. Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја следат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.