ВМРО – ДПМНЕ: СДСМ да се посвети на реализација на политичките договори

Пратениците и раководството на СДСМ да се посвети на реализација на политичките договори, на стоење на дадениот збор и на прекин со лагите кои бесрамно во очи им ги соопштува на граѓаните, апелираат денес од Владејачката ВМРО – ДПМНЕ.

Во продолжение интегрален текст од соопштението на ВМРО – ДПМНЕ.

Срамотна е дрскоста на СДСМ да дојде во Кочани и сред градот во кој затворија фабрики како „Хартија Кочани“, „Кочанско Поле“, „Атом“ и создадоа локални феудалци кои што безмалку го поседуваа животот на кочанчани, да зборуваат за социјална еднаквост и враќање на средната класа.

Оливер Спасовски дури и призна дека неговата партија досега пловела без компас и конечно дури сега се враќала на корените на социјал-демократијата. Кочанчани добро го почувствувале пловењето без компас и пиратското делување на СДСМ во овој град. Неговата партија ја водат кадри кои што ги аминуваа или беа директни уживатели на „придобивките“ од криминалната приватизација.

Кочани и кочанчани не го заборавиле циклонот СДСМ кој прошол низ нивниот град.

Кочанчани исто така знаат дека ВМРО-ДПМНЕ доведе странски инвестиции како фабриките „Антура“ со нови 200 вработувања и „Анфенол“ со 500 вработени, број кој ќе се искачи до 2.500. Кочанчани знаат и дека во 2006-та година во градот имало 11.000 невработени, а денес има 6.150, од кои 3.400 се активни баратели на работно место.

Кочанчани знаат дека земјоделците од овој регион ги почувствуваа придобивките од силното залагање на ВМРО-ДПМНЕ за овој сектор и неговото стимулирање преку доделувањето субвенции.

Маглата која ја сее Спасовски за враќањето на средната класа е иста како и лагите за неконструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ во преговорите кои се водат тековно. ВМРО-ДПМНЕ цело време се однесува конструктивно и целосно по однос на интересите на граѓаните и Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е целосно посветена на реализација на обврските преземени со договорот во Пржино, за разлика од СДСМ која се обидува на секој начин да ги минира и успори овие преговори, со крајна цел да не се појави на избори и да не се соочи со судот на народот, народ кого го лаже во очи секој ден. Денес во Кочани, утре било каде во Македонија.

СДСМ преку пуштање на пробни балони од страна на нивните „експерти“, преку минирање на преговорите со лицемерниот однос кон гласачите од дијаспората, преку воведувањето на бадентер во Државната изборна комисија, прави се освен што го почитува сопствениот даден збор.

Видовме дека од СДСМ се подготвени дрско да лажат преку лидерот Заев, за неколку часа подоцна самите да се демантираат преку потпретседателката Шеќеринска, паралелно водејќи ги сопствените дворски игри во кои на крај на денот трпи и страда државата и граѓаните на Република Македонија.

Ги повикуваме, апелираме до пратениците и раководството на СДСМ да се посвети на реализација на политичките договори, на стоење на дадениот збор и на прекин со лагите кои бесрамно во очи им ги соопштува на граѓаните.

Народот знае кој ја зборува вистината и ќе им ја сервира во очи на СДСМ на 24-ти април, колку и социјал-демократите да сакаат да го избегнат соочувањето со народот и да се доберат до власта преку зелена маса или со помош на уцени и манипулации.