Кирил Миновски нов директор на УЈП – Горан Трајковски добива друга одговорна функција

Кирил Миновски ќе биде нов директор на Управата за јавни приходи, откако Владата на вчерашната седница го именуваше на позицијата која досега ја извршуваше Горан Трајковски.

Информацијата jа потврди владиниот портпарол Александар Георгиев.

– Можам да потврдам дека на вчерашната владина седница Кирил Миновски е именуван за нов директор на УЈП. На досегашниот директор Горан Трајковски му истече мандатот и ние сме благодарни за неговиот ангажман, за придонесот кој тој го имаше во реализацијата на владината програма, реформите кои ги спроведе и резултатите на институцијата која ја раководеше. Планирано е соработката со господин Трајковски да продолжи на друга одговорна функција, информира Георгиев.

Кирил Миновски е поранешен директор на Пазарниот инспекторат.