Груевски со честитка по повод Денот на албанската азбука

Премиерот Никола Груевски упати честитка по повод Денот на албанската азбука.

Дозволете ми, од мое лично име и од името на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам големиот празник 22 Ноември – Денот на албанската азбука.

Културните особености за секој народ се од големо значење за сопствената идентификација. Живеејќи во време на глобализација и современа цивилизација никогаш не треба да ги заборавиме културните зачетоци без кои човештвото не ќе ги доживееше своите достигнувања. Еден од тие зачетоци е и создавањето на писмото како еден од најскапоцените дарови на човечката интенција за побрз развој и што поголеми остварувања. Од тој аспект, создавањето на албанската азбука е еден од значајните културолошки дострели на албанскиот народ и сосема оправдано е дел од одбележувањето на битни датуми за нашата држава и за нашите граѓани.

Почитувањето на овој датум е почит кон целокупната албанска заедница во Република Македонија, а почитта е главниот чувар и стожер на нашето општество и нашата заедничка иднина. Да го чуваме и негуваме како што му доликува на едно современо општество каде коегзистираат различни националности и различни етникуми. Да се држиме заедно и да бидеме пример како заеднички се работи за доброто на нашата држава, за доброто на нашите граѓани, за еден поубав, поквалитетен и посреќен живот во секој дел од Република Македонија.

Нека Ви е честит 22 ноември – Денот на Албанската азбука!, стои во честитката на премиерот.