Достапни нови 20 врвни дела

Македонските читатели ќе можат да уживаат во нови 20 преведени наслови од едицијата „Врвови на светската филозофија, историјаи психологија со психоанализа“.

Дванаесет од нив се дела со филозофска тематика, 6 наслови од областа на историјата и 2 книги од областа на психологијата. Со новите 20, до сега се преведени вкупно 50 наслови, а следниот месец ќе бидат промовирани уште 30 дела од владиниот капитален проект.

Премиерот Никола Груевски кој денеска присуствуваше на промоцијата, истакна дека изминативе години културата беше и остана еден од главните фокуси на Владата.

-Сите изминати години, па и оваа 2015-та како Влада бевме фокусирани на сите полиња. Културата беше и остана еден од нашите главни фокуси. Останавме посветени на една широка лепеза проекти во културата. Еден од нив е и овој. И понатаму остануваме посветени, рече Груевски.

Министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска потенцираше дека Македонија е една од ретките земји во светот која со исклучително внимание ја поддржува издавачката и литературната дејност.

-Во изминатиот период Владата на Република Македонија и Министерството за култура за прв пат реализираа капитални проекти, проекти со историско значење кои  кои го унапредија книжевниот, творечкиот, преведувачкиот и издавачкиот амбиент во РМ, но и ја афирмираа македонската литература и творештво во меѓународни рамки. Министерството за култура континуирано издвојуваше и издвојува големи средства за проектите на приватните издавачки куќи, со особен акцент на поддршката за квалитетни дела од македонски автори, преводи на светски бестселери, дела на добитници на престижни признанија, и секако издавање на стручна литература која е од огромна полза во образовниот систем. Во тој контекст ќе го споменам и откупот на книги со кои се збогатува библиотечниот фонд во институциите во државата  но,  и стимулативната мерка за превод на дела на македонски автори од страна на странските издавачки куќи со која го афирмираме македонското творештво. Сите овие проекти ги потврдуваат нашите заложби за што поголема достапност на македонската литература на национално и меѓународно ниво и побрза интеграција на македонската книжевност во светските современи текови, подвлече Канческа- Милевска.