Попоски: Обезбедувањето на границата е наше право, но и наша обврска

Во однос на лицата мигранти од економска природа кои во моментов се на грчка територија, но се обидуваат да влезат во Македонија, Попоски истакна дека од грчкиот амбасадор на денешниот состанок било потврдено дека Грција „презема мерки за нивно отстранување, односно непопречување на протокот без примена на сила“.

Очекуваме дека тоа ќе биде изменаџирано од страна на грчките власти бидејќи се работи за нивна одговорност, а остануваме отворени за прием за сите оние кои можат да го продолжат патот до некоја од европските земји, рече Попоски.

Во врска со помошта што е најавена за Македонија за справување Попоски истакна дека таа досега била главно насочена кон меѓународните организации како УНХЦР и Црвениот крст.

Но, за нас тоа не е критериумот за дејствување, односно ќе ги преземеме сите мерки, без разлика дали и во која форма ќе дојде помош. Од одредени земји членки на ЕУ веќе имаме конкретни најави за помош и за нас секоја таква помош ќе биде добродојдена. Очекуваме дека сите оние најавени контингенти помош ќе пристигнат скоро во РМ и ќе ни бидат ставени на располагање пред оваа криза да биде на уште подраматично ниво, потенцира македонскиот министер за надворешни работи.

Информира дека на денешниот состанок со амбасадорите станало збор и за неодамнешниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија, за клучните реформи кои претстојат, а се разговарало и околу подготовките до изборите и најавениот извештај на ЕК што следува по нивното завршување.

По тоа би требало да се даде валидност на онаа веќе повеќепати повторена препорака за почеток на преговорите за членство на РМ во ЕУ, истакна Попоски и додаде дека таа е значајна бидејќи, како што рече, по 2009 кога првпат ја добивме доаѓаме до еден момент во кој навистина нема аргументи зошто би се одложувал почетокот на преговорите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.