Ќе ги употребиме сите ресурси за обезбедување на границата

Грција презема мерки за отстранување на економските мигранти од меѓуграничниот појас со Македонија кои изминативе денови го блокираа преминот кај Гевгелија и железничкиот сообраќај, додека од македонска страна е донесена одлука за користење на сите ресурси за заштита на границата и канализирање на протокот на бегалци на една точка на премин и нивна регистрација.

Ова го соопшти шефот на македонската дипломатија Никола Попоски по денешниот брифинг со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и на Европската комисија во Скопје.

„Имаме недвосмислена одлука да ги употребиме сите неопходни ресурси зависно од процената дали ќе се однесуваат на физичко ограничување и насочување или со луѓе или комбинација од двете со цел да обезбедиме безбедност на Македонија…Никаква опција не е исклучена и оставаме на стручните служби да проценат во кој момент, во кој обем и во каков тип мерки ќе бидат применети“, изјави Попоски.

Попоски по средбата со амбасадорите информираше дека тековната ситуација налага поголема соработка со Европската унија за менаџирање на кризата, при што земјава побара поконкретна помош од Брисел за тоа.

Попоски за тоа дали Македонија доставила одговор на барањето на Унијата земјите од регионов да згрижат одредена бројка на бегалци рече дека земјава јасно укажала дека ќе обезбеди определени капацитети за бегалци, но само за ограничен престој т.е. само за транзит.

„Македонија не може да ги отвори вратите за престој на тие кои не можат да бидат згрижени во ЕУ, пред се заради тоа што не доаѓаат да престојуваат во Македонија, туку имаат определена цел, а второ, што е уште позначајно, во Македонија доаѓаат од земја-членка на ЕУ“, рече Попоски.

Македонија останува отворена за прием на сите кои ќе го продолжат патот кон некоја европска земја, нагласи Попоски, повторувајќи дека притоа Македонија нема да пропушта економски мигранти, следејќи ја со тоа одлуката на неколку европски држави и соседна Србија.