„Веибо Груп”: Во Македонија инвестиравме 10 милиони евра, имаме дефицит од компетентен персонал

„Веибо Груп”: Во Македонија инвестиравме 10 милиони евра, имаме дефицит од компетентен персонал
„Веибо Груп”: Во Македонија инвестиравме 10 милиони евра, имаме дефицит од компетентен персонал

На обвинувањата од опозицијата дека компанијата „Веибо Груп” ќе го затвори својот производствен капацитет во земјава, се огласи и компанијата преку соопштение.

„Веибо Груп” e интернационална компанија од областа на текстилната индустрија, специјализирана за масовно производство на машка облека, со производствени погони и дизајнерски работилници во Кина, Камбоџа, Турција и Македонија.
Компанијата „Веибо Груп” влезе на македонскиот пазар пред една година, со голема инвестиција во зоната Ранковце и со преземање и отворање на текстилна фабрика во Крива Паланка позната како „Веибо Гармент”, како прв чекор при развојот на своите бизнис почетоци во Македонија.
За помалку од една година, целосно реконструираната и проширена фабрика во Крива Паланка „Веибо Гармент”, го прошири производствениот капацитет со 500 нови машини и го зголеми бројот на вработени од 260 на вкупно 600 лица, кои во моментов се вработени во фабриката. Според плановите на инвеститорите, доколку се во можност да пронајдат соодветен персонал, вкупниот број на вработени во фабриката до крајот на годинава треба да порасне до 800 лица, а до јуни 2016 истиот да се искачи на 1000 вработени лица.
Вкупната досегашна инвестиција на „Веибо Груп” во текстилната фабрика во Крива Паланка изнесува 10 милиони евра.

Во 2014 година „Веибо Груп” најави план за изградба на најголемиот интегриран текстилен центар во Европа, во зоната во Ранковце, но во моментов овој проект е во мирување. Токму неможноста за наоѓање на соодветна работна сила за реализација на големите производни таргети за потребите на постоечката фабрика во Крива Паланка за задоволување на своите интернационални клиенти, е главната причина зошто инвестицијата во Ранковце е засега во застој.

Компанијата Веибо Груп во своето досегашно постоење во Македонија, се соочува со потешкотии да најде компетентен персонал од текстилната област и иако постојано е во потрага по нови кадри, преку македонските агенции за вработување, се уште е во дефицит на работна сила.

Во моментов „Веибо Гармент” исполнува голема производна нарачка за интернационалниот гигант Зара и има потреба од дополнителен квалификуван кадар за да ги исполни планираните норми.

Како моќен субјект од текстилната индустрија, компанијата „Веибо Груп” постојано е фокусирана на проширување на своите производни капацитети низ светот, во држави со брза економска и општествена трансформација.  Моментално компанијата ги истражува можностите за потенцијална нова инвестиција во соседна Србија.

Покрај расот на фабриката во Крива Паланка, истиот тренд на ширење, компанијата го најавува и во малопродажниот сектор на македонскиот пазар. Пред десет дена во Скопје, Веибо Груп отвори две продавници за интернационалниот бренд Кигили, кој постои уште од 1938 година а отсега е присутен и во Македонија. Првите две продавници за овој бренд за машка мода, се наоѓаат во Скопје Сити Мол и во центарот на градот, на булеварот Партизански одреди, наспроти Соборниот Храм во Скопје. До крајот на 2016 година компанијата „Веибо Груп” е во план да го шири присуството на брендот Кигили  во регионот и да отвори вкупно дваесет продавници во соседните држави, стои во соопштението.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.