Без партиципација, ин-витро може да се користи и за трето и четврто дете

Осигурените лица кои сакаат да остварат право на ин-витро се ослободени од плаќање партиципација која изнесува 6.000 денари за користење на здравствените услуги во постапките на ин витро (БПО) за добивање на прво, второ, трето и четврто дете најмногу до трет неуспешен обид за оплодување. Партиципацијата ќе биде надоместена од страна на Фондот, информираат од ФЗОМ.

Втората новина е дека правото на ин-витро може да се користи за трето и четврто дете, односно за здравствените услуги извршени во постапките на биомедицинско потпомогнато оплодување спроведени со автологно оплодување и алогенеичко оплодување за трето и четврто дете, најмногу до трет неуспешен обид за оплодување.

Во Република Македонија, процентот на докажана бременост (βHCG во серум)  по ин-витро постапка, во 2011 година изнесува 38,7%, во 2012 година тој процент изнесува 41.3%, во 2013 година изнесува 50.5%, во 2014 година изнесува 54.5%, а во 2015 година до 31 јули изнесува 53.5%.

Од овој тренд произлегува дека нашите здравствени установи со кои имаме склучено договор за ин витро се високо специјализирани и со висок процент на успех. Воедно за вискиот процент на ин витро постапката влијае и тоа што осигурениците побрзо се одлучуваат за оваа интервенција, затоа што надоместокот кој го покрива Фондот за ин витрото е стилмулативен, за разлика од други здравствени системи каде оваа интервенција не е на товар на државата. Сакаме да ги поттикнеме паровите кои се заинтересирани да аплицираат за ин витро за второ дете што побрзо да го направат тоа, земјаќи во предвид дека возраста игра улога, а Фондот и службите се секогаш достапни за било какви дилеми, соопштуваат од ФЗОМ.

Постапката за ин-витро, за првпат е овозможена на товар на Фонд во 2008 година, по пат на рефундација на средства, а од 2010 година, осигурениците по одобрување од Фондот, добиваат ваучери. Средствата кои Фондот ги исплатил за остварување на правото на ин витро од 2010 до 2015 се 387 милиони 465 илјади денари.

Осигурените лица имаат право на сопствен избор во која здравствена установа сакаат да прават ин-витро.  Здравствените установи кои вршат БПО услуги, а кои имаат склучено договор со Фондот во 2015 година се: Плодност од Битола, Др. Органџиски од Штип, Ре-медика од Скопје, Ултрамедика од Скопје, Моја болница од Скопје, Аџибадем Систина од Скопје, Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, Гинеко медика од Скопје и Инанна систем (Њуборн клиник) од Скопје.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.