Претседателот на Фудбалската федерација на Ерменија призна: Мечот со Албанија беше “пуштен”

Тој натпревар беше клучен за Албанија бидејќи со победата, оваа селекција обезбеди дебитантски настап на едно Европско првенство, додека за Ерменија немаше никакво резултатско значење.

Нашиот западен сосед победи со 3:0, а интересно е тоа што домаќините на тој меч си постигнаа два автогола.

Фудбалската федерација на Ерменија и репрезентацијата се посед на целата нација и сите имаат нешто да кажат или да се пожалат. Нашите фудбалери на тој натпревар, едноставно, не сакаа да играат. Тоа е предавство. Да го имавме и најдобриот тренер против Албанија, резултатот ќе беше ист. Ние ќе направиме истрага и ќе ги казниме виновниците, изјави Хајрапетјан за агенцијата Арменпрес.

УЕФА по мечот истакна дека не видела ништо сомнително на натпреварот и поради тоа не спроведе истрага.

По признанието на претседателот, можеби ќе се смени нешто, особено поради тоа што имаше информации дека дел од фудбалерите добиле вкупна сума од два милиони евра за да не се залагаат доволно.

Хајрапетјан најави дека Ерменија наскоро ќе добие нов селектор и со него ќе ги игра квалификациите за пласман на Светското првенство во Русија.