Груевски: Повеќе кинески компании се заинтересирани за инвестирање во Македонија

Груевски: Повеќе кинески компании се заинтересирани за инвестирање во Македонија
Груевски: Повеќе кинески компании се заинтересирани за инвестирање во Македонија

Македонија е во преговори со повеќе компании за изградба на првите посериозни кинески производствени капацитети во земјата, изјави премиерот Никола Груевски во интервју за весникот Кинески Дневник за време на неговата посета на Пекинг, пренесува МИА.

Премиерот Груевски, за водечкиот кинески весник на англиски јазик, изјави дека во тек се разговори со една кинеска компанија заинтересирана за инвестиција од 140 милиони евра, со која би се отвориле 1.400 работни места во Македонија.

Во моментов немаме многу кинески инвеститори со гринфилд фабрики. Нашите гринфилд инвеститори се главно од Германија, САД и Британија, потоа Италија, Белгија и други земји. Од Кина се уште немаме таква значителна инвестиција, со градење нова фабрика, производство на некој производ и негов извоз. Но, во моментов сме во дискусии со неколку такви компании. Пред два дена се сретнав со една таква компанија која планира да инвестира во Македонија, за инвестиција од 140 милиони евра со која би се отвориле 1.400 работни места. Има и други компании кои сакаат да дојдат. Овие компании ни рекоа дека имаат препораки од компании на кои им ги продаваат своите производи, изјави премиерот Груевски во интервјуто за Кинески Дневник.

Премиерот, кој престојуваше во Пекинг за самитот на Кина со земјите од средна и источна Европа, додава дека во тек се разговори со кинеската Влада и коморите за можност да се отвори ексклузивна кинеска индустриска зона во Македонија.

Има многу компании заинтересирани за инвестирање во Македонија. Во моментов разговараме со најмалку десет кинески компании кои изразија сериозни намери за проекти и инвестиции во Македонија.  На вашата Влада и нудиме, ако е потребно, да создадеме една зона во која ќе поканиме кинески компании да инвестираат во Македонија под посебни услови, и мислам дека работите се одвиваат во добра насока. Македонија на првпоглед е мала, два милиони луѓе, два милиони потрошувачи, тоа не е ништо за голема компанија. Но, ние имаме договори за слободна трговија со сите земји на европскиот континент, сите ЕУ членки и земји кои не се ЕУ членки, со единствен исклучок на Русија. И Турција, Украина, Швајцарија, сите источни држави… Се што е произведено во Македонија може да се извезе во било која од овие земји без царини и давачки. Тоа значи дека компании кои произведуваат во Македонија имаат еднаков третман кога извезуваат во Германија, Австрија, Швајцарија, Норвешка, Турција, со било која друга земја во Европа. Тоа е голема поволност за Македонија, бидејќи место да имаме пазар од два милиони луѓе, имаме пазар од 660 милиони потрошувачи. Многу компании ја користат нашата земја како влезна порта на европскиот пазар, вели Груевски.

Во интервјуто, премиерот додава дека досегашната соработка на Македонија и Кина е во изградбата на инфраструктурни проекти во Македонија, поддржани од кинеските фондови за развој, и дека е време таа соработка да се насочи и кон директни кинески инвестиции во македонската индустрија.

Груевски воедно најавува дека во тек е постапката за целосно осовременување на возниот парк на македонските железници со локомотиви и вагони произведени во Кина, откако веќе беа испорачани првите возови со кои ќе бидат заменети повеќе од половината од патничките возови во земјата.

Минатата недела поминавме 30-ина минути патувајќи со новиот воз, кој е произведен тука во Кина. Возот навистина е удобен, постигнува висока брзина. Нашата железница има одредени ограничувања, не дозволува на неа да се патува со повеќе од 120 или 130 километри на час, но сепак, и покрај тоа што возот патува бргу, немате чувство дека се движите со таа брзина. Возот е одлично направен, дизајниран, и можам само да им честитам на производителите. Веќе купивме желенички композиции со кои заменивме 60 проценти од нашите патнички возови, и сега почнуваме процедура за замена на остатокот, кои би требало да бидат испорачани до втората половина на следната година, вели Груевски во интервјуто.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.