ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски да не се крие и да се произнесе за фалсификуваните лични карти

Од ВМРО-ДПМНЕ го повикуваат техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, да не се крие и да се произнесе за наводниот скандал кој што го објави проопозицискиот медиум „Фокус“, за фалсификувани 30.000 лични карти.

Не се кријте г-дин Спасовски. Не сте повеќе само генерален секретар на СДСМ, сега сте технички назначен за министер за внатрешни работи на сите граѓани. Граѓаните од Вас бараат да ја решите оваа афера и да дадете одговори кој, за која цел и кога го направил овој фалсификат и истиот да го изведете пред лицето на правдата, а доколку станува збор за фабрикување на афера и во тој случај да постапие според законот и лицата кои фабрикуваат афера да ги соочите со правдата.

Ваша обврска е да спречите на овие избори да нема ниту една дамка, за да нема потоа алиби вашиот лидер повторно да не ги признава изборните резултати. Министерството досега покажало дека е компететно да се справува и со потешки предизвици и затоа немате право да се криете и да молчите за ваква сериозна афера.

До изборите остануваат уште 146 дена. Престанете да молчете. Јавноста бара одговори и конкретни мерки од вас како технички министер за внатрешни работи. Или сторителот на евентуалниот фалсификат или фабрикувачот на оваа афера мора да одговара, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.