Меркел: Потребен е договор со Турција за справување со мигрантската криза

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави денеска дека договор меѓу ЕУ и Турција ќе помогне миграцискиот поток да биде ставен во правна рамка, наместо неконтролираниот прилив во моментот.

– Основен дел од тој план за дејствие меѓу ЕУ и Турција ќе биде како можеме да ја замениме илегалната миграција со легална миграција, како можеме да ја подобриме положбата на бегалците внатре во Турција – рече Меркел.

Претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер исто така говореше пред средбата, истакнувајќи дека ЕУ треба да постигне договор со Турција за разрешување на имиграциската криза.

– Само ние заедно ќе можеме да ги запреме миграциските потоци. Ни треба договор со Турција – рече Јункер.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск рече дека никаков договор со Турција нема да е доволен, за Европа да се справи со најтешката имиграциска криза по Втората светска војна, ако Унијата не ги контролира строго надворешните граници.

– Без контрола на надворешните граници, Шенген ќе стане историја – рече Туск.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.