ВИДЕО: Фабрика за чоколада бора дегустатори

Фабрика за чоколада од Шкотска распиша оглас за дегустатори, за кое работно место не се барат посебни квалификации и искуство, туку е важно само кандидатите „многу да сакаат благо“.

– Може да се пријави секој, без разлика на возраста и претходното работно искуство. Се што бараме е да сакате чоколада, изјави Керин Хејхоу, потпарол на фабриката за чоколада „Макис“.

Фабриката во април следната година ќе отвори нови погони за производство, па потребни и се дегустатори на чоколади. Сите заинтересирани за оваа работа најдоцна до 3 декември треба да испратат своја молба и предлог за тоа што би требало да содржи нивната идеална чоколада.

Потоа фабриката ќе избере четворица финалисти кои ги очекуваат дополнителни тестирања. Тие ќе бидат поканети во фабриката за да се испитат нивните способности за дегустација на чоколада.

– Ние сакаме да дознаеме што им се допаѓа, што е тоа што го сакаат и што им се допаѓа во чоколадата што ќе ги дегустираат, рече Хејхоу.

Рецептите за „идеалната чоколада“ ќе бидат објавени на Фејсбук страницата на „Мекис“, а луѓето ќе можат да гласаат за нив.

Работното место дегустатор е на определено време од една година, а среќникот, кој ќе биде вработен, ќе добие залихи од слатки кои ќе може да ги носи дома од работа.