Иванов-Ципрас: Неопходно е продолжување на дијалогот за градење мерки за доверба

Претседателот Ѓорге Иванов на маргините од Конференцијата за климатски промени КОП21 во Париз се сретна со грчкиот премиер Алексис Ципрас, при што се договориле да продолжи дијалогот на мерките за градење на доверба меѓу двете земји, пренесува МИА од Париз.

Како што информираа претставници од Кабинетот на македонскиот претседателот, Иванов со Ципрас разговарале за актуелната мигрантска криза и за мерките за градење на доверба меѓу двете држави.

Ципрас и Иванов се согласиле дека е неопходно продолжување на дијалогот помеѓу двете земји на сите теми, а посебно за двете клучни прашања – мигрантската крза и мерките за градење на доверба.

Ова беше втора средба меѓу Иванов и Ципрас во последниов месец. Претходно, претседателот Иванов, оствари среди и со претседателите на Србија, Црна Гора, Албанија и Австрија.

На овие средби се зборувало за актуелната регионална и билатерална соработка, заедничкиот стремеж на земјите од регионот за европската и евро-атлантската интеграција, мигрантската криза и зголемување на економската соработка.

Иванов порача дека и покрај тоа што расте взаемната доверба, економската и политичка соработка, недостасува соработка и размена на информации во сферата на безбедноста и разузнавањето. Последните предизвици, мигрантската криза, екстремизмот во регионот и глобалната терористичка закана, нужно бараат дневна соработка, дневна размена на податоци и дневно менаџирање на состојбата, истакнал Иванов на овие средби.

Македонскиот претседател на маргините од Самитот оствари средба и со претседателот на Турција, Таип Ердоган.