Иванов: Безбедносната состојба на јужната граница е со висок ризик

Состојбата на границата, врз основа на инцидентите што ги имаме, е со висок ризик, бидејќи станува збор за насилни акти врз полицијата и армијата, оцени претседателот Иванов во синоќешното интервју за телевизијата Канал 5, коментирајќи ја состојбата на јужната граница на Македонија.

Македонскиот претседател потенцираше дека ангажирањето на полициските и армиските сили на границата ги троши ресурсите коишто треба да бидат посветени на другите закани со кои што се соочува Европа, како резултат на враќањето на борците кои се на боиштата. Иванов изјави дека во моментов има 110 македонски граѓани кои се во Сирија, 69 се вратени, а досега 25 го загубиле животот.

– Наместо полицијата да ги користи ресурсите за следење и за превенирање на можни непосакувани акти од такви лица, нашите ресурси се на границата, да се справуваат со мигрантската и бегалската криза. Затоа и на средбата со генералниот секретар на ОБСЕ повторно го отворив прашањето за програмите кои што ги има ОБСЕ за дерадикализација, за да не можат повеќе млади луѓе од Македонија да одат на боиштата, а за тие коишто се веќе вратени да имаме контрарадикализација, бидејќи тоа е и улогата на ОБСЕ како организација. Но, тука е прашањето со Исламската верска заедница, која ќе мора да води повеќе сметка за сите овие случувања. Затоа неодамна имавме и разговор со припадниците од ИВЗ и со реисот. Тие се навистина во една многу деликатна состојба и ќе треба разбирање и поддршка од другите институции кон ИВЗ, рече Иванов.

Македонскиот претседател посочи дека на средбата со германската канцеларка Меркел, одржана во Париз ја запознал со информации што ги има од надлежните институции на Македонија, дека се зголемува бројот на мигранти кои доаѓаат од Африка и од Азија. Има денови кога имаме над 1000 мигранти од Мароко, од Бангладеш, од Иран. Тоа беше новина бидејќи тие ги имаат информациите за тоа што влегува во коридорот и кој пристигнува на крајните дестинации, а една од земјите кои што се крајна дестинација е Германија. Од Меркел добил уверување, рече Иванов, декаМакедонија мора да има поддршка не само од земјите кои се на линијата на коридорот, туку и од сите членки на Унијата.

– Ние баравме, пред се опрема за да можеме да вршиме регистрација на сите бегалци кои влегуваат на наша територија и да имаме контрола на границата. За жал, таа помош се уште не е добиена. Навистина загрижувачка е информацијата која беше дадена од француското обвинителство дека двајца од учесниците во терористичкиот акт во Париз поминале низ нашата територија, вели Иванов.

Коментирајќи ја поканата на Црна Гора за членство во НАТО, претседателот Иванов рече дека тоа придонесува за зголемување на безбедноста во целиот регион, притоа осудувајќи го неправедниот третман на Република Македонија  во однос на ова прашање.

– На средбата со  потпретседателот Бајден со факти и аргументи зборувавме зошто Македонија треба да го добие тоа што и припаѓа, изјави Иванов, додавајќи дека земјава го почнува 17-тиот акционен план за членство, а 16 се успешно завршени.

Запрашан да ја коментира изјавата на шефицата на европската дипломатија Могерини, во која таа вети награда за Македонија доколку успешно се спроведат реформите и изборите во април, Иванов нагласи дека веќе по седми пат на земјава и се одлага тоа што и припаѓа.

– Каква е таа награда за нешто што ни припаѓа. Нам веќе по седми пат ни се одлага тоа што ни припаѓа, а што другите го добиле, иако не ги исполнувале сите услови што ние ги исполнуваме. Ако повторно се одложи добивањето на датум за почеток на преговорите, ќе се соочуваме повторно и повторно со вакви политички кризи кои се резултат и последица на блокадите. Блокадите сега ни создаваат основа за нови блокади бидејќи се јавуваат и други прашања кои се на агендата, кои мора да ги исполнуваме, рече претседателот Иванов, притоа изразувајќи очекување за повисока свест и одговорно однесување од сите политички актери, исто онака како што Македонија се однесува кон бегалската криза.

Мора да се истакне, вели Иванов, дека и Армијата, и полицијата и Центарот за управување со кризи и хуманитарните организации и Црвениот крст, како и новите министри кои сега се во институциите се однесуваат одговорно затоа што станува збор за државен интерес. Како се однесуваме кон оваа закана како општество, држава и институции, така треба да се однесуваме и кон следните избори, заклучи македонскиот претседател.

Коментирајќи ја средбата со грчкиот премиер Ципрас во Париз, Иванов рече дека постои подобрување на комуникацијата, меѓутоа резултати се уште нема, и дека е потребно време за да се стекне доверба.

– Мора да се има предвид дека прв пат во Грција имаме една генерација на политичари кои не се оптоварени со предрасуди и стереотипи од минатото  и затоа е полесна комуникацијата, полесно може да се разговара, отворено и искрено, за она што ни е неопходно. Прашањето за името се уште останува отворено, затоа што тоа се води во Обединетите нации. Имаме една нова реалност која мора да придонесе нашите институции да соработуваат со институциите од Грција“, рече претседателот Ѓорге Иванов.