Владата ќе ги зголеми субвенции за привлекување странски туристи

Владата ќе ги зголеми субвенции за привлекување странски туристи
Владата ќе ги зголеми субвенции за привлекување странски туристи

Од 1 јануари 2016 година почнуваат да важат зголемените субвенции за определени земји кои ги дава Владата за привлекување на странски туристи.

Согласно владините насоки кои веќе се внесени во правилникот на Агенцијата за туризам од почетокот на следната година нови повисоки субвенции, меѓудругите, ќе важат и за следните земји.

Од 25 евра на 65 евра се зголемуваат субвенциите за привлекување на странски туристи од Израел, Австрија, Малезија, Јужна Кореја, Италија, Франција, Шпанија.

Исто така, ќе се овозможи висината на субвенции за чартер превоз да се зголемат од 25 евра на 35 евра за привлечените туристи од Чешка, Словачка, Унгарија, Полска и Романија. Од 01.01.2017 пак, субвенциите за овие земји ќе се зголемат од 35 евра на 45 евра.

Од Владата велат дека согласно направените анализи, проценки и остварени контакти, се цени дека со ова зголемување на субвенциите ќе се создадат сериозни услови и можности да се обезбедат туристи од овие земји, што би имало позитивно влијание во трендот на постојан раст на туристичкиот сектор. Домашните туристички агенции може да ги користат овие можности за привлекување на туристи уште во текот на зимските одмори.

-Од 1 јануари 2016 година доаѓа до зголемување на субвенциите за привлекување на странски туристи за поголем број на земји, меѓу кои што и земји од каде што постои сериозен потенцијал за привлекување на туристи, не само во летниот, туку уште во рамките на зимскиот период. Затоа ова е добра можност и за домашните туристички агенции да ги проучат сите овие можности и да ги проучат пазарите во земјите каде што доаѓа до зголемување на субвенциите и да стапат во контакти со партнери од истите овие земји со цел уште во текот на зимските одмори да се обезбедат туристи кои ќе дојдат од странство во Македонија. Имајќи во предвид дека овие странски туристи придонесуваат за зголем девизен прилив во РМ, овој потег би бил добар како за туристичките агенции кои што се домашни за зголемување на нивниот профит, така и за општиот економски раст на Македонија, се разбира со осврт на туризмот и сите оние гранки кои што гравитираат кон туризмот, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Ианку туризмот бележи континуиран раст во изминатите неколку години, кој е резултат на владините политики, како што се субвенциите, промоцијата на Македонија како туристичка дестинација, намалувањето на ДДВ за туризам од 18 на 5%, евтините финансиски инструменти за инвестиции во туристички капацитети, изградбата на плажите, капиталните инвестиции кои ја збогатуваат туристичката понуда, но и на инвестициите во капитални проекти кои обезбедуваат подобар транспорт и достапност како што пред се изградбата и модернизацијата на аеродромите во Скопје и Охрид, финансирањето на евтините авио летови до над 15 европски метрополи и голем број на други проекти.

Од година во година имаме постојан раст на туризмот, а бројот на странски туристи во последните години е зголемен за над 100%. Последните податоци од заводот за статистика покажуваат продолжување на овој позитивен тренд на раст.

Во периодот јануари- септември 2015 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 11.2% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 5.6%, а кај странските има зголемување за 15.4%.
Во периодот јануари-септември 2015 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 9.1% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 6.2%, а кај странските има зголемување за 13.4%.

Покрај за овие земји за кои доаѓа до зголемување на субвенцијата за туризам од 1.1.2016 година, нашата држава дава различна сума субвенции за привлекување на странски туристи и од Белгија, Холандија, Луксембург, Финска, Норвешка, Данска, Шведска, Русија, Украина, Јапонија, Обединетите Арапски Емирати, Кина, Индија, САД, Англија, Германија, Катар, Казахстан, Азербејџан и други земји.

Според последните податоци на статистика најголем број од туристите од странство го посетуваат Скопје, по што следуваат туристичките места на бреговите на природните и вештачки езера, на трето место се планинските места, а на четврто се туристи кои практикуваат бањски туризам.