Дувњак и понатаму верен на Кил

Со новиот договор, Дувњак ќе ја носи “четворката” во Кил до 30 јуни 2020 година.

Хрватот кој во 2014 година дојде од Хамбург во Кил, имаше договор со важност до јуни 2017 година, прифати предвреме да ја продолжи соработката со германскиот шампион.

Кил беше мојот прв избор. И приватно и спортски се чувствувам многу удобно во Кил. Имаме голем тим и сон на секој ракометар е да почувствува таква фантастична поддршка на домашен терен како што има овде во Кил. Ќе дадам се од себе како дел од овој фантастичен тим да придонесам да имаме уште многу успеси и титули во иднина, изјави Домагој Дувњак по потпишувањето на новиот договор.

Од 2014 година, хрватскиот бек има одиграно 83 натпревари на кои има постигнато 338 голови за Кил. Минатата сезона Дувњак со Кил ја освои шампионската титула во Бундес лигата, а претходно со ХСВ Хамбург беше шампион на Германија и ја освои титулата во Лигата на шампионите.

Домагој Дувњак нема да биде во составот на Кил на претстојниот меч со Веспрем во Лигата на шампионите, поради суспензијата од ЕХФ за директниот црвен картон што го заработе на претходниот меч со Целје.