ССК: Старите возила најголеми загадувачи на воздухот

Анализата на Сојузот на стопански комора која денеска беше презентирана покажува дека индустриските објекти и огревното дрво не се најголеми загадувачи на воздухот во Македонија, туку согорувањето на горивата од увезените половни нееколошки возила.

– Тие возила немаат заштитни филтри и катализатори и емитуваат огромна количина штетни честички во воздухот. Во ЕУ според легислативите просечната дневна емисија на штетни честички изнесува 50 микрограми на метар кубен, а кај нас според мерењата на штетните честички во воздухот изнесуваат меѓу 10 и 20 пати повеќе од дозволените граници, рече денеска на прес-конференција извршниот директор на Сојузот на стопански комори Митко Алексов.

Алексов посочи дека старите возила не ги исполнуваат декларираните еуро-нормативи и ја зголемуваат емисијата на штетни ПМ честички во воздухот.

– Овие возила особено во последните пет години се внесени во голем број, кога и загадувањето на воздухот покажува најголеми размери, рече Алексов.

Според податоците од Царинската управа на РМ, од 2010 до 2015 година увезени се 191.639 употребувани патнички возила.

Од Сојузот упатуваат на преземање неколку мерки меѓу кои се итно воведување на Еуро 4 стандардот за увоз на половни возила, воведување политика за СО2 при увоз и регистрација, односно при увозот на возила да се врши проверка за исполнување на пропишаните еуро-нормативи. Возилата кои се увезуваат како возила со Еуро 3 нормативи се стари и до 15 години и истите го исполнувале овој норматив кога биле нови. Со нивната повеќегодишна експлоатација тие повеќе не го исполнуваат нормативот Еуро 3.