ЕУ ќе ја заострува контролата на границите, патниците и шверцот на оружје

ЕУ ќе ја заострува контролата на границите, патниците и шверцот на оружје
ЕУ ќе ја заострува контролата на границите, патниците и шверцот на оружје

Министрите за внатрешни работи на Европската унија денеска одржаа состанок во Брисел на кој постигнаа договор за размена на податоци за патниците во авиосообраќајот, а министерот за внатрешни работи на Франција, Бернар Казнев, изјави дека ќе се воведат и мерки за сузбивање на шверцот со оружје, особено од Балканот, јави Танјуг.

Примената на договорот, според најавите, може да почне веќе во следните неколку недели.

На собирот се договорени и мерки за заострена контрола на границите, а Казнев по завршувањето на состанокот рече и дека француската Влада изразила задоволство за решеноста на членките на ЕУ одлучно да делуваат по терористичките напади во Париз.

Казнев зборуваше за три точки од спогодбата на министрите кои ги истакна како многу важни за Франција, а тоа се: сузбивање на шверцот со оружје, построга контрола на патниците, и идентификација на терористите џихадисти пред да ги минат границите на ЕУ, објавено е на сајтот на Европскиот совет.

Заменик премиерот на Луксембург, Етјен Шнајдер, кој претседаваше со состанокот во Брисел, порача дека е горд што спогодбата е постигната по долгогодишни преговори.

Спогодбата, меѓудругото, предвидува агенциите за спроведување на законите да добијат пристап до информациите кои ги поседуваат авиокомпаниите како што се имиња, датуми на патување, распоред, кредитни картички и податоци за контактирање на патникот. Тие ќе можат да собираат податоци од летовите на европските авиокомпании кои влегуваат во ЕУ или ја напуштаат, како и од оние кои летаат внатре во Унијата.

 

Европски парламент, кој го има конечниот збор за тоа дали ќе биде усвоен системот за размена на податоци, веројатно ќе го поддржи договорот во текот на следниот месец.