Обама: Нападот во Калифорнија e терористички акт за убивање недолжни луѓе

Американскиот претседател, Барак Обама во телевизиското обраќање до нацијата изјави дека нападот во Калифорнија беше терористички акт за убивање недолжни луѓе.

-Засега нема никакви индиции дека убијците биле насочувани од терористичка група од странство. Јасно е, меѓутоа, дека брачната двојка тргнала по лошиот пат на радикализацијата, рече Обама, цитиран од светските агенции.

Членовите на групата Исламска држава Обама ги нарече бандити и убијци и вети дека САД ќе ги гонат терористите каде и да се најдат.

-Ќе ја уништам групата Исламска држава и секоја друга организација, која ќе се обиде да ни наштети, вети претседателот.

„Заканата од тероризам е реална, но ние ќе се справиме со неа“, продолжи тој. „Знам дека по толку многу војни, мнозинството Американци си го поставуваат прашањето дали сме исправени против злокобно заболување за кое нема лек“, продолжи тој.

-Сведоци сме како терористите вложуваат се поголеми напори за да го трујат умот на луѓето како што се бомбашите од Бостонскиот маратон или убијците од Сан Бернардино, рече Обама и ги повика муслиманите да се борат против екстремистичките идеологии.

„Не можеме да се свртиме едни против други и да дозволиме оваа војна да биде оценета како војна меѓу Америка и Исламот“, рече американскиот претседател.

САД и нивните сојузници ја прошируваат борбата против Исламска држава, рече Обама и ги поздрави напорите на Велика Британија, Франција и Германија, кои го засилија своето учество во оваа борба.

-САД ги засилија бомбардирањата врз нафтената инфраструктура на Исламска држава и ќе продолжат да ги обучуваат и снабдуваат со оружје и опрема умерените бунтовници во Ирак и Сирија, рече Обама. Но, САД нема да се дозволата да бидат вовлечени во копнена војна против Исламска држава во Ирак и Сирија, подвлече тој.

Тој го повика американскиот Конгрес да ги усвои законите со кои ќе се засили контролата врз личното оружје, откако убијците од Сан Бернардино успеале лесно и законски да си набават вистински арсенал од оружје.

Претседателот Обама го имаше ова телевизиско обраќање четири дена откако Саид Фарук и неговата сопруга Ташфин Малик, и двајцата американски државјани со пакистанско потекло, пукаа во социјален центар во Сан Бернардино, во Калифорнија, и убија 14 лица. Двајцата подоцна беа убиени од полицијата.

Има податоци дека Фарук и Малик биле напаѓачи „единки“, кои се радикализирале од пропагандата на Исламска држава и дејствувале самостојно, поради што не биле набљудувани од властите, забележаа британските медиуми.

Ако се докаже дека е поврзан или мотивиран од воинствениот исламизам во странство, крвавиот напад во Сан Бернардино ќе се покаже како најсмртоносниот на американско тло по терористичките напади во Њујорк и Вашингтон од 11 септември 2001 година, додадоа британските медиуми.