Потпишан договор за трета фаза од проширување на булеварот Борис Трајковски

Потпишан договор за трета фаза од проширување на булеварот Борис Трајковски
Потпишан договор за трета фаза од проширување на булеварот Борис Трајковски

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, министерот за финансии, Зоран Ставрески и претставници на компаниите од конзорциумот „ДГ Бетон АД”, „Бауер БГ” и „Понстрој инженеринг ЕАД” денеска го потпишаа договорот за изведување  градежни работи за реконструкција на булеварот Борис Трајковски од влезот во фабриката „Стаклара“ до населбата Пинтија.

Проширувањето и реконструкцијата на третата фаза од улица Борис Трајковски ќе се врши на потег од фабриката Стаклара до влезот во населбата Пинтија, со вкупна должина од 2.200 метри, додека вредноста на реализацијата на овој проект изнесува 228.164.592 денари со вклучен ДДВ, или околу 3,7 милиони евра.

Новиот булевар Борис Трајковски ќе биде со 4 сообраќајни ленти, со вкупна ширина од 13,7 метри, пешачки патеки од двете страни, како и велосипедска патека за двете насоки на левата страна од булеварот. Градежните работи на улицата Борис Трајковски ќе се искористат за изградба на нова атмосферска канализација по должината на улицата, ќе биде извршена заштита и дислокација на постојните подземни инсталации (електрични и телекомуникациски),  а ќе биде поставено и целосно ново улично осветлување. На новиот булевар ќе се постават нови семафори и ќе биде поставена целосно нова хоризонтална и вертикална сигнализација.Со реализацијата на овој проект, Скопје ќе добие уште една нова, модерна сообраќајница, што значително ќе ја зголеми безбедноста на сите учесници со сообраќајот, изјави градоначалникот Трајановски.

Potpisuvanje na dogovor 3 faza Boris Trajkovski (1)

Средствата за реализација на овој капитален проект се обезбедени преку долгорочно домашно задолжување на Град Скопје, кој потпиша Договор за под-заем со Министерството за финансии, во рамки на средствата обезбедени со Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој-Светска банка. Под-заемот треба да се враќа во период од 13 години, со грејс период од 3 години, започнувајќи од датумот на потпишување на овој Договор за под-заем.

Сакам  да го изразам своето задоволство за потпишувањето на овој договор со кој ќе се реализира уштееден голем капитален инфраструктурен проект што ќе го подобри животот на граѓаните. Нашата соработка со Градот Скопје е одлична и ова не е единствениот проект каде што ние соработуваме преку Проектот за подобрување на општинските услуги. Од оваа програма ние со градот Скопје имаме вкупна соработка од околу 9 милиони евра, каде што влегува и капиталниот проект за подобрување на водоснабдувањето на Шуто Оризари, како и набавка на возила и машини за потребите на комуналните претпријатија, изјави министерот Ставрески.

Градежните работи на улицата Борис Трајковски ќе траат 18 месеци.