Американската Кап-Кон отвори фабрика во Бунарџик, нови 400 вработувања

Во новата фабрика за инфлатори за воздушни перничиња инвестирани се 18 милиони долари а ќе бидат отворени вкупно 400 работни места, од кои 75 се веќе остварени. Компанијата ќе биде извозно ориентирана, а производите примарно ќе бидат наменети за европскиот пазар.

Денеска во ТИРЗ Бунарџик започна со работа фабриката за производство на инфлатори за воздушни перничиња АРТ Аутомотив Македонија, инаку инвестиција на американската компанија КАП КОН.

На пуштање во употреба на новата фабрика, присуствуваше премиерот Никола Груевски, министерот за финансии Зоран Ставрески, заменик министерот за економија Христијан Делев, како и директорот на ТИРЗ Виктор Мизо и Главниот извршен директор на КАП КОН Али Алхаџ.

За една недела во Македонија се одбележаа 4 фабрики. Тоа одамна се нема случено , истакна премиерот Груевски.

-Ова е доказ за интересот за инвестирање во нашата држава, потврда за постојните рангирања на земјата како една од најдобрите бизнис дестинации во Европа. Европската банка ја рангираше на 6 место во Европа и 12 во светот. Тоа е  и потврда на трендот на намалување на невработеноста кои го нотираа сите меѓународни институции, истакна Груевски и додаде деја листата на големи и мултинационални компании од сетот кои имаат свои фабрики во Македонија од денеска се зголемува и со американскиот инвеститор КАП КОН.

Фабриката, посочи, поседува најмодерна опрема и високософистицирани производни линии со што верува дека ќе биде предизвик за сите стручни кадри од Македонија кои ќе се пронајдат во нејзиното работење.

-Првичната инвестиција се проценува на 18 милиони долари, новата фабрика ќе отвори 400 нови работни месеа, првите 75 лица се веќе вработени и започнаа со работа. Компанијата ќе биде извозно ориентирана и ќе произведува инфлатори за воздушни перничиња, примарно наменети за европскиот пазар, подвлече Груевски и додаде дека радува фактот што плановите на инвеститорот не запираат тука и во иднина се планира инвестирање во технички центар на компанијата кој ќе биде дополнителна инженерска поддршка на целиот капацитет.

Груевски ја поздравуви отвореноста на компанијата за соработка со повеќе македонски компании кои би можеле да обезбедуваат материјали за потребите на АРТ Аутомотив Македонија.

-Најголема придобивка од отворањето на новата фабрика е вниманието што ќе го предизвика кај сите останати компании кои се уште размислуваат се интересираат и ги истражуваат можностите за влез во нашата земја. Новите фабрики се нашиот најголем промотор и се надевам дека примерот на КАП КОН ќе го следат уште многу светски компании, наведе Груевски.

Во ТИРЗ-овите АРТ Аутомотив Македонија ќе биде сосед со „Вистеон“, „Џонсон мети“, „Технохозе“, „Кемет електроникс“, „Ван Хул“, „Продис“, „Диатек“, а во следниот период и „Монтанте груп“.

-Таквиот тренд на нови инвестиции и отворање нови фабрики во Македонија ќе продолжи и во наредниот период, затоа што Владата е во длабоки преговори со многу компании, дел од нив се во финална фаза, посочи Груевски.

Премиерот истакна дека можеби за политичкиот опонент овие инвестиции се виртуелни и не постоечки, но дека граѓаните се тие што гледаат, работат и земаат плата од овие фабрики.

Секоја инвестиција бара ангажман од неколку години и тоа од повеќе институции за да се дојде до овој ден, подвлече министерот за финансии Зоран Ставрески.

-Сето ова покажува дека капацитетот на државните институции и на економскиот тим на владата е на високо ниво и затоа се повеќе фирми се решаваат да дојдат во Македонија. Влезот на секоја нова фирма значи и  подобри резултати за македонската економија. Ако пред само 5 години соодносот на извозот од земјава беше однос суровини спрема машини и спрема 2:1, денеска соодносот е обратен 5:1 сооднос спрема машини и опрема во однос на суровините, тоа значи дека петкратно имаме поголем извоз на машини и опрема, истакна Ставрески.

-Ако секој трет катализатор се произведува во Македонија, од денес и секој трет инфлатор за европските автомобили ќе  се произведува во Македонија. Листата на клиенти каде овие катализатори ќе се вградуваат се импресивни. Ова не е виртуелна  како што некој сака да ја прикаже, ова реалност, подвлече Делев.

-Фабриката ќе биде нашиот централен фокус на европскиот пазар. Инсталацијата на високо производствени софистицирани производствени линии во комбинација со талентираниот локален персонал ќе ни овозможи да произведуваме само најквалитетни производи кои ќе бидат испорачувани до нашите потрошувачи. Потребно е ние да произведуваме квалитетни производи затоа што нашата мисија  е да спасуваме животи, подвлече Али Алхаџ.

Тој подвлече дека во план е да го зголемат производството во текот на следната недела до 2,5 милиони единици годишно, но компанијата има во план да го удвои овој капацитет во следните 6 месеци, кога ќе се произведуваат и од 5-6 милиони единици. Алхаџ се заблагодари на Владата, особено на премиерот и на вицепремиерот за нивната поддршка.