Курц: Треба да се затворат многу исламски градинки

Министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц, посочи дека е неопходно под итно да се затворат многу исламски градинки, пренесуваат денеска австриските медиуми.

Курц таков заклучок донел на основа на студија изработена од професорот Еднан Аслан од Институтот за исламски студии на виенскиот Универзитет.

Аслан, во својата анализа прикажува слика на паралелен свет, кој родителите го бараат, а здруженијата кои ги водат градинките, го форсираат.

„Многу родители сакаат за нивните деца да биде создадено стопроцентно исламско опккружување“, навел Аслан, додавајќи дека зад тоа стои желба „како да се заштитат децата од мнозинството во општеството, од неморал“.

Меѓу исламските градинки, според неговите зборови, постои некој вид натпревар кој ќе понуди поконзервативно и порелигиозно опкружување.

Аслан нагласува дека постојат многу муслимани кои своите деца свесно не сакаат да ги даваат во такви градинки.

Меѓутоа, кој сака може своето дете, среде Виена, да го одгледа во паралелен свет, и тоа поддржано со пари од даночните обврзници на Австрија.

Анализата на Аслан покажува дека во тие градинки за децата се грижат исклучиво само муслиманки, а многу од нив поминале само двонеделна обука.

Што се однесуваа о јазикот, иако Австрија донела одлука за изучување на гермнскиот јазик во овие градинки, таму недостига персонал за тоа, бидејќи многу педагози во исламските градинки не знаат доволно германски, така што има градинки каде што воопшто не се зборува германскиот јазик.

Во тие градинки се применуваат методи на воспитување кои не се во согласност со европските, бидејќи ги одбиваат вредностите во Австрија, начинот на живот, како и улогата на жената во општеството.

Поради информациите од овој извештај Курц истакнал дека не е против приватните, верски градинки, без оглед на верата, но е проблематично што постои желба децата да се заштитат од мнозинството.

„Целта на оградување е погрешен пристап“, посочи Курц.

Тој најави построги контроли, а ако биде потребно и усвојување на построги закони, во чиј фокус би било поттик за изучување на германскиот јазик.