ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не изгради ни едно училиште, а стипендии делеше по партиска директива

Јавноста знае дека СДСМ нема кредибилитет да говори за образованието и за статусот на учениците и студентите, затоа што во времето на нивното расипничко владеење, тие беа целосно заборавени и угнетени. СДСМ не успеа да изгради ниту едно ново училиште, ниту една нова спортска сала, студентски дом, образованието беше премногу скапо за најголем дел од македонските семејства, освен за нивните партиски олигарси, видовите стипендии се броеја на прсти, а се делеа по партиска директива, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од опозицијата.

Денес во образованието се инвестира и тоа е видливо, мерливо и поддржано од граѓаните. ВМРО–ДПМНЕ презентира факти, а не измислици. Конкретно.

Во изминатите 9 години средствата наменети за унапредување на образованието се зголемени за повеќе од 67% и истите подеднакво се инвестираат на сите нивоа и во сите сегменти.

Па така, во делот на основното и средното образование, изградени се дури 72 нови училишни објекти, а 2 се во фаза на градба. Санирани и реконструирани се 350, а 45 се во фаза на реконструкција. Пред 2006 година последен пат, ново училиште беше изградено пред осамостојувањето на земјата. Понатаму, изградени се и 85 најсовремени училишни и спортски сали. Во градба се уште 10тина.

Во делот на високото образование, отворени се 2 нови државни универзитети и 25 факултети, како и 65 дисперзирани студии. Во меѓувреме значително е намалена и унифицирана партиципацијата за студирање, така што, сега високото образование е подостапно од било кога во минатото, особено од времето на СДСМ кога на факултет се запишуваа само децата на партиските олигарси.

Изграден е систем на стипендирање, кој нуди повеќе од 40 различни видови на стипендии, меѓу кои и за студирање на најдобрите 100 универзитети во светот.

Набавени се 80 современи лаборатории со научна и апликативна дејност.

Наспроти навиките на СДСМ да приграбува државен имот, да узурпира студентски домови, Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ, одлучно инвестира за унапредување на условите во постојните, но и во изградба на нови студентски домови. Така, досега се инвестирани повеќе од 250 милиони денари. По цели 40 години, изградени се нови современи сместувачки капацитети, 8 нови и целосно опремени павилјони, во состав на студентскиот дом Стив Наумов, за што се издвоени 103 милиони денари.

Исто така, во моментов во тек е и темелна реконструкција на студентскиот дом Гоце Делчев. Првата фаза, реконструкција на блокот Б е целосно заокружена. Следи блок А, а потоа В и Г, како и мензата и партерот.

Дополнително, се донесе одлука за започнување на постапка за повеќегодишна набавка за замена на мебелот во сите студентски домов, како и замена на лифтовите, секаде каде што има лифтови.

Најважно е што се донесе одлука за изградба на 3 целосно нови студентски домови, од кои 2 во Скопје и еден во Тетово, за потребите на државните универзитети.

Понатаму, постепено се зголемува и влогот во науката преку разни форми, како финансирање на национални и билатерални научно истражувачки проекти, доделување на научни и творечки субвенции, достапност на литература со меѓународен фактор на влијание, а меѓу сето останато, за прв пат во земјата основан е и Фонд за иновации и технолошки развој со почетен буџет од 9 милиони евра, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Воедно од владејачката партија посочуваат дека за разлика од СДСМ, која не инвестирала ниту денар во образованието и не спровела ниту една единствена реформа, сите инвестиции кои Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ досега ги ветила пред граѓаните, се остварени или реализацијата е во тек.

Има разлика, нели?

Граѓаните гледаат кој работи во континуитет за нивно добро и тоа го наградуваат со поддршка на 9 изборни циклуси по ред. На 24 април граѓаните ќе ја дадат својата поддршка на ВМРО-ДПМНЕ по десети пат, го сакал тоа СДСМ  или не, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.