Американскиот конгрес изгласа построг визен режим

Американскиот конгрес изгласа построг визен режим
Американскиот конгрес изгласа построг визен режим

Американскиот конгрес вчера изгласа закон кој ќе овозможи построга контрола на патниците о земјите кои се опфатени со амерканската безвизна програма, за да се спречи влез на терористи во САД.

Законот мора да го потврди и Сенатот. Изгласувањето доаѓа откако американскиот претседател, Барак Обама, минатата недела најави зголемување на контролата по терористичките напади во Париз, минатиот месец.

Американската безвизна програма овозможува влез на државјани од 38 земји, воглавно европски, во САД без визи, ако се работи за престој до три месеци. Околу 20 милиони луѓе, односно околу 40 отсто од „прекуморските“ посетители, влегуваат во САД годишно во склоп на таа програма.

Законот ќе одговори на проблемот на околу 5.000 европски државјани за кои се знае дека патувале во Ирак и во Сирија за да се приклучат кон ИД, а по сегашните правила можат да влезат во САД без виза, што значи дека не поминуваат контрола.

Според тој закон, 38 земји ќе мора да користат т.н. електронски пасоши, да го известуваат Интерпол за украдени и изгубени пасоши и за тие кои биле во Сирија и в Ирак, за да ја поминат дополнителната контрола. Лицата кои изминатите пет години биле во овие земји, како и во Иран и во Судан, ќе мора да имаат виза за влез во САД.