Отворена железничката линија кај Идомени, приведени над 10 имигранти

Отворена железничката линија кај Идомени, приведени над 10 имигранти

Повеќе од 10 имигранти се приведени во Идомени за време на полициска операција за расчистување на железничката линија, што ја блокираат мигранти кои протестираат затоа што не им е дозволен влез во Македонија, јави дописникот на МИА од Атина.

Приведените, кои се од различни националности, во моментов се во полициската станица во Идомени, јави државната новинска агенција АНА-МПА.

Во меѓувреме, ирански државјанин, кој наводно бил избоден, е пренесен во болницата во Кукуш.

Железничката пруга сега е отворена и според извори на агенцијата, низ станицата Идомени се очекува да помине товарен воз од Македонија.

Покрај тоа, 14 автобуси со мигранти заминале од Идомени кон Атина.

Во тампон зоната меѓу Грција и Македонија во тек е полициската операција за отстранување на мигрантите кои со недели се наоѓаат во областа поради тоа што не им е дозволен влез во Македонија.

Областа е затворена, а влезот е забранет за претставници на невладини организации, со исклучок на претставник на УНХЦР, кои се во кампот, како и новинари.

Во операцијата учествуваат полициски единици од Солун и Кукуш.