Доналд Трамп: Никогаш нема да се повлечам од изборната трка

Никогаш нема да се повлечам од изборната трка и покрај критиките, изјави американскиот бизнисмен Доналд Трамп, кој е водечки претендент за освојување на номинација кандидат на Републиканската партија за претседател на САД.

Во интервју за „Вашингтон Пост“ Трамп вели дека „без разлика на се, нема да се повлече„ порачувајќи дека во најлош случај, би учествувал на изборите како независен кандидат.

– Целиот мој живот, јас победувам. Не губам често. Всушност, никогаш не сум загубил, изјави Трамп за „Вашингтон Пост“.

Изјавата на њујоршкиот милијардер кој влезе во политиката, претставува одговор за острите критики што тој ги трпи од американската Администрација и демократите, но и од неговата Републиканска партија, по изјавата дека „треба да им се забрани влез на муслиманите во САД“.

Трамп вчера порача дека не ја повлекува изјавата и објасни дека она што го заговара е само „привремено решение“, бранејќи се дека тој не е против муслиманите, затоа што има многу пријатели меѓу нив и одржува бројни бизнис врски со фирми и компании во муслиманскиот свет.

Белата куќа го критикуваше неговото барање за забрана за влез на муслиманите, порачувајчи му дека „самиот се дисквалификувал“ како претседателски кандидат.

Лидерите на републиканците во Долниот дом и во Сенатот на американскиот Конгрес ја критикуваа изјавата на Трамп, како штетна за интересите на партијата, а со остра критика се огласи и еден од противкандидатите во изборниот процес, поранешниот гувернер од Флорида, републиканецот Џеб Буш.

Медиумите блиски до Демократската партија и либералните кругови во САД покренаа кампања против Трамп со барање да се повлече од изборната трка .Со вакво барање се огласија и неколкумина угледни републикански политичари.

Републиканската партија, сепак, внимателно реагра на сите вакви барања, стравувајќи од можноста за расцеп во републиканското гласачко тело, доколку Трамп биде присилен да се појави на изборите како независен кандидат.

Анкетата на весникот „Ју-Ес-Еј Тудеј“ покажува дека повеќе од 60 отсто од приврзаниците на Доналд Трамп меѓу републиканците, рекле дека ќе гласаат за него, дури и ако на изборите во ноември 2016 година тој настапи како независен кандидат.