Се зголемува капитацијата за матичните стоматолози

Се зголемува капитацијата за матичните стоматолози
Се зголемува капитацијата за матичните стоматолози

Фондот за здравствено осигурување од аспект на подобрување на севкупната состојба во дејноста стоматологија идентификуваше три сегменти во кои има потреба од подобрување. Првиот сегмент се однесува на финансиските средства кои што Фондот за здравство ги издвојува во примарната здравствена заштита, односно за финансирање на матичните стоматолози.

Начинот на финансирање на примарната здравствена заштита во дејноста стоматологија, односно финансирањето на матичните стоматолози е по метод на капитација (главарина). Кај стоматолозите, еден осигуреник носи еден капитационен бод. Вредноста на еден капитационен бод изнесува 35 денари. Тоа во пракса значи, ако еден стоматолог има 2000 пациенти, тогаш Фондот исплаќа 70.000 денари месечно на матичниот стоматолог.

Денес со огромно задоволство ве информираме дека од 1.1.2016 Фондот за здравство, по сеофатна анализа на состојбите во примарното здравство, одлучи да го зголеми капитациониот бод за стоматолозите од 35 на 40 денари, односно зголемување за 14%. Средствата се обезбедени од буџетот на Фондот за 2016 година, почнувајќи од 1.1.2016, а фискалната импликација во делот на зголемување на капитацијата за стоматолози ќе биде 75,3 милиони денари годишно. Фондот за здравствено осигурување издвојува значителни средства за дејноста стоматологија и за тоа во буџетот за 2015 беа предвидени и ќе бидат исплатени 524 милиони денари, а со зголемувањето од 2016 година за 75,3 милиони денари, Фондот ќе исплаќа 599,3 милиони денари годишно за матичните стоматолози.

FullSizeRender 2 (1)

Бенефитот од оваа мерка ќе го почувствуваат 1146 тимови на стоматолози кои што работат во 963 ординации со кои Фондот има склучено договор во 2015 година. Оваа мерка ќе значи и подобрување на стоматолошката здравствена заштита на нашите осигуреници, затоа што сметаме дека матичните стоматолози ќе бидат помотивирани да се грижат за оралното здравје. Бенефитот од ова ќе го почувствуават и 1,312.300 осигуреници кои имаат избрано матичен стоматолог. Оваа бројка на осигуреници кои имаат избрано матичен стоматолог бележи континуиран раст за што Фондот обезбедува финансиски средства. Во просек секој матичен стоматолог има по 1145 осигуреници-пациенти.

По нашата одлука, која ја верификува Управниот одбор на Фондот, и по добивање согласност од Министерот за здравство, ќе биде објавена во Службен Весника на РМ. Повторуваме зголемувањето ќе почне да важи од 1.1.2016 година.

Како втор сегмент со кој ги подобруваме состојбите во стоматологијата и кој влијае на подобрување на условите во кои работат матичните стоматолози е изготвувањето на новите анекси на договорите за 2016 година. Новите анекси на договорите се во насока на поддршка на владината политика за релаксирање на казнената политика и за намалување на договорните казни. Истовремено, Фондот овие измени ги направи со цел максимално да се олесни секојдневното работење на матичните стоматолози.

Третиот сегмент се однесува на зголемување на платите на специјалистите стоматолози кои работат во Стоматолошкиот клинички центар, за околу 20% со што се изедначуваат со нивните колеги специјалисти од останатите клиники.

Фондот за здравствено осигурување на Македонија и понатаму продолжува да биде рамноправен партнер со здравствените установи и заеднички да работи на зајакнување на обезбедување на поквалитетно и подостапно здравство за сите осигуреници и квалитетни работни услови за здравствените работници.