Седумнаесет проекти избрани на вториот повик на Фондот за иновации

Седумнаесет проекти избрани на вториот повик на Фондот за иновации
Седумнаесет проекти избрани на вториот повик на Фондот за иновации
Седумнаесет проекти на компании се избрани за финансирање со вториот повик за доделување средства на Фондот за иновации и технолошки развој.

Преку инструментите за поддршка на кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ поддршка ќе добијат 10 проекти, од кои најголемиот дел, седум, се од ИТ-секторот, два се за дизајн и уметност, а еден проект за технологии применети за спорт. За финансирање на тие проекти се обезбедени 277.000 евра, а треба да се реализираат во рок од една година.

Преку инструментот кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации, што Фондот го објави првпат, се избрани седум проекти. Финансиската поддршка е до 100.000 евра, а вкупно за сите се распределуваат 600.000 евра. Два од проектите се од ИТ-секторот и по еден од производство на неметални минерални производи, производство на мебел, инженерство, градежништво и земјоделство. Рокот за реализација изнесува 24 месеци.

Навистина сме задоволни од интересот бидејќи добивме 95 апликации. Се надеваме дека интересот и понатаму ќе биде голем и во иднина ќе добиваме квалитетни идеи, рече денеска на прес-конференција директорката на Фондот за иновации и технолошки развој Јасмина Поповска.

Со вториот повик Фондот доделуваше вкупно 1,3 милиони евра, но 400.000 евра наменети за кофинансирани грантови за трансфер на технологии нема да бидат распределени.

Најголемиот дел од проектите што биле доставени за инструментот за трансфер на технологии, според Поповска, не го исполнувале условот за секторски пристап.

За трансфер за технологии за жал не доделивме средства, иако ни беа на располагање 400.000 евра од причина што за овој инструмент како значаен критериум се смета соработката на секторско ниво меѓу претпријатијата и секако влијанието што би го имале проектите во секторот. Тука очекувавме дека ќе има повеќе здружување помеѓу претпријатијата и научно-истражувачките институции и коморите, но и покрај поднесените проекти, немаше многу од ова достапно, рече Поповска.

Во наредниот период, како што најави, Фондот ќе посвети посебно внимание на подигање на свеста за значењето на соработката помеѓу компаниите која ќе им обезбеди поголем успех. За инструментот трансфер на технологии на следниот повик, според Поповска, Фондот ќе го зголеми рокот за аплицирање на 90 дена со цел да им овозможи на компаниите подолго време доколку им е потребно за здружување.

Вториот повик на Фондот за иновации беше отворен за трите инструменти за поддршка од 21 септември до 21 октомври годинава. Од 95-те предлог-проекти, 39 ја поминаа фазата на претселекција, а 17 се избрани за финансирање.

Со првиот повик Фондот за иновации и технолошки развој  обезбеди поддршка за 16 „старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија во износ од 460.000 евра, најголем дел од ИТ-индустријата, кои веќе работат на развој на иновативни проекти. Некои од нив, информира Поповска, веќе имаат готов производ кој е во фаза на комерцијална експлоатација, а кај некој бидејќи станува збор за развојни проекти има потреба дополнително да се развијат и до крајот на јуни следната година да имаат готови производи и да излезат на пазар.

Следниот повик на Фондот за финансирање проекти ќе биде објавен на почетокот на следната година.