Ристовски на час по Природни науки во ОУ„Кирил Пејчиновиќ“

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска присуствуваше на час по предметот „Природни науки“ во четврто одделение во ОУ„Кирил Пејчиновиќ“ во општина Кисела Вода, кој од оваа година се реализира по новите учебници кои се изработени според наставни програми од Меѓународниот центар за образовни програми на Кембриџ.

– Бевме сведоци на еден од можеби најкреативните часови во однос на спроведувањето, имплементирањето на новите наставни програми. Методологијата и начинот на којшто се спроведуваше овој час е на еден начин една од главните реформи која е содржана во новите наставни програми и новите учебници, а тоа е развојот на креативноста, на инвентивноста и секако полесното совладување на целокупната материја од страна на учениците со помош на новите наставни програми и секако со најклучната алка во целиот процес, а тоа е наставникот, рече Ристовски.

ristovski-kiril-pejcinovik-1

Честитајќи и на наставничката Бети Спасовска, заменик министерот рече дека таа е пример како еден наставник на креативен начин успева да го задржи вниманието кај учениците, да го пренесе целокупното нејзино знаење, а децата односно учениците да бидат тие кои најквалитетно ќе ги восприемат сите новини коишто се содржани во нивните учебници.

– Јас сум задоволен од начинот на кој се имплементира целокупната оваа реформа. Како Влада ќе продолжиме и натаму. За следната година се најавени останатите одделенија од 7 до 9 одделение од основното образование. Нормално како и за секоја друга активност на почеток има извесни потешкотии, но јас сум убеден дека долгорочниот ефект од оваа реформа Република Македонија за 10-ина години отсега ќе го доживее многу позитивно, рече Ристовски.

ristovski-kiril-pejcinovik

Изрази благодарност до сите наставници во Република Македонија бидејќи, како што истакна, клучна е улогата на македонскиот наставник во спроведувањето на сите активности кои се поврзани со зголемување на квалитетот на образование.

– Ние како ресорно Министерство и како Влада ќе продолжиме и понатака цврсто да ги поддржуваме македонските наставници и заеднички да чекориме кон систем на многу поквалитетно образование за децата во Република Македонија, рече Ристовски.