Рокот за легализација на дивоградбите продолжен до март 2016

Премиерот Никола Груевски денеска истакна дека сите кои пропуштиле да достават барање за легализација во периодот во 2013. година тоа можат да го сторат до 31. март 2016. година.

– Оние, пак, кои пропуштиле да достават елаборати, значи доставиле барање, но не доставиле елаборати, може да го направат тоа до 31 декември 2016 година, а оние кои пропуштиле тогаш барање да достават, а сега ќе го достават до 31 март, елаборатите ќе можат да ги достават до 31 декември 2017 година, посочи Груевски по пуштањето во употреба на единечен тениски терен во ОУ „Кузман Шапкарев“ во населбата Драчево.

Така што, нагласи премиерот, тоа е едно сериозно продолжување на роковите, уште една шанса за граѓаните кои во тој период не поднеле барање за легализација на дивоградбите или пак не поднеле елаборат, да го направат тоа.

– Но, ова не значи дека за новите што почнале да градат дивоградби после Законот за легализација, се дозволува повторно легализирање. Ова продолжување е за оние кои тогаш кога се носеше Законот за легализација на дивоградби од различни причини не стигнале да поднесат барање или не стигнале да го поднесат елаборатот и тоа се новите рокови и тоа е излегување во пресрет на таа група на граѓани, додаде премиерот Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.