ТОП,Македонија

Статистиката за невработеноста тежок удар за СДСМ

Статистиката за невработеноста тежок удар за СДСМ

Невработеноста од 1993. година континуирано беше над 30 проценти, а од 2006. година наваму стапката на невработени лица во земјава бележи постојан пад.

Порталот „Евести“ ги анализираше податоците за бројот на невработени во последните дваесетина години.

Така во 1993 година стапката на невработеност е 27,7 проценти, следната година веќе над 30 отсто. Во 1995 година стапката на невработеност  изнесува над 35 проценти и во сите години подоцна е пониска но никогаш под 30 проценти. Во 2005 година стапката на невработеност е неверојатни 37,3 проценти. Од 2006 година наваму, односно од кога е ВМРО ДПМНЕ на власт стапката се намалува постојано. Тоа се случува и во време на кризните 2009, 2010, 2011, 2012 година, па се досега. Во третиот квартал годинава измерена е најниска стапка на невработеност или 25,5 проценти.

Познавачите немаат дилема дека е добро што ова се случуваше и во време на тешка економска криза во светот. Се согласуваат дека е одличен резултат во вакво време да се донесат странски инвеститори и да се отворат нови работни места. Во компилација и со вработувањата стимулирани од Владата, Македонија во последните десет години отворила над 150.000 работни места.

-Откако сме дојдени во Владата невработеноста се намалува. Овојпат откако светската и европската криза се зад нас имаме најголемо намалување во еден кваратал, а тоа е за 1,3 отсто. Вработени се речиси 12 илајди луѓе во само три месеци и тој тренд продолжува. Тоа е во месеците јули, август и септември и невработеноста е намалена за еден квартал од 26,8 на 25,5, а земено од периодот кога дојдовме на власт во 2006 година кога беше околу 38 отсто е намалена на 25,5 отсто, значи за речиси 13 отсто, вели премиерот Никола Груевски.

Владата се надева на понатамошен пад на стапката на невработеноста, најмногу поради најавените странски инвеститори.

-Имаме чист терен на работа, имаме 12.000 нови работни места во последниот квартал и таквото темпо продолжува. Мислам дека и наредната статистика што ќе излезе за овој квартал што сега тече –октомври, ноември, декември, ќе биде повторно со сериозно намалување затоа што она атмосферата во економијата во третиот квартал е и во четвртиот квартал дури, можеби и подобра, вели Груевски.

Според најавите безмалку 4.000 нови вработувања треба да отворат уште во првата половина од годинава три нови фабрики на странски инвеститори во земјата.