Ременски не може да бега од одговорностите-МТСП има јасна обврска да се грижи за камповите

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) има јасна обврска да се грижи за камповите на мигрантите, а дополнителната техничка министерка Фросина Ременски не може да бега од одговорностите. Ременски преку вчерашното соопштение на МТСП скандалозно се обиде да се амнестира од одговорност.

По неколкудневниот молк од МТСП и Ременски за состојбата со греењето на прифатните центри каде што се сместени бегалците, ресорното министерство вчера попладне излезе со реакција во која сопшти дека проактивно се вклучило во поддршка на одредени активности во рамки на пунктовите за прифат на мигрантите.

Најголем скандал во реакцијата на Ременски е тоа што не наведува  што направило министерството, туку наведува што направиле невладините организации. Ременски треба да одговори јасно што направила за да има затоплување и најважно да одговори зошто веќе еден месец откако има минусни температури , нема затоплување во камповите.

Познавачите на состојбите коментираат дека срамно е МТСП кое е должно да превземе одговорност, да се правда во име на друга институција, што претставува неспособност од невидени размери. Со низата скандалозни постапки, Ременски неколку пати досега од назначувањето за дополнителен министер ја доведе во прашање својата кадарност да управува со овој ресор, а последниот случај со мигрантите, каде бремени жени и деца премрзнуваат во камповите затоа што нема греење во прифатните центри поради неажурноста на надлежните е само потврда за ваквите сомнежи.

МТСП има јасна обврска да се грижи за камповите, а Ременски не може да бега од одговорностите. Постојат и заклучоци од Комитетот за кризи со кој се задолжува МТСП да обезбеди поголеми капацитети, електрична инсталација и затоплување, факт кој укажува на тоа дека Ременски доцни и во недостаток на аргументи манипулира и се обидува да се амнестира од одговорност.

Наместо да ја превземе обврската на министерување, техничката министерка бега од одговорност, што дополнително го отвора шрашањето дали е способна и кадарна да се справи со крупните предизвици.

Фактите говорат дека на почетокот на  ноември се потпиша договор со директорот на Банката за развој при Советот на Европа за грант од 2 милиони евра. Има докази и документи дека МТСП е прва институција во РМ  и на Балканот која доби грант средства од 2 милиони евра од Совет на Европа за покривање на трошоците  во камповите, обезбедување електрична енергија, подготовка на терен за проширување на камповите, мобилни кујни и затоплување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.